Abdula Berisha
21 Ноември 2019•Ажурирај: 22 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, се сретна со генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати, Лука Висентини и претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Дарко Димовски, и присуствуваа учествуваа на конференцијата организирана од ССМ, јавува Агенција Анадолија (AA).
По состанокот, премиерот Заев рече дека е горд на владината политика во однос на правата на работниците, наведувајќи ги меѓу другото, отворениот и транспарентен социјален дијалог, зголемувањето на минималните плати и општото покачување на платите.
Заев рече дека дискусијата во рамките на социјалниот дијалог за новиот Закон за работни односи трае веќе речиси две години, додавајќи дека очекува повеќе капитал и профит да се распределат со работниците.
„Фер распределбата на профитот, на капиталот и на националното богатство помеѓу сите чинители во општеството и во економијата, навистина ќе ја направи нашата земја подобро место за живеење, а сигурно ќе придонесе многу сериозно во мотивацијата на младите луѓе да останат овде, да бараат овде работа, да креираат и да создадат семејства тука, дома“, рече Заев.
Говорејќи за новиот Закон за работни односи, министерката Царовска рече дека тој ќе биде во согласност со европските и меѓународните директиви, потенцирајќи дека очекува Нацрт-законот да биде готов наскоро.
Генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати, Лука Висентини, ги охрабри институциите и социјалните партнери за дијалогот што го развиваат, нагласувајќи дека сѐ уште е потребен напредок во областа на економијата.
„Треба да се создадат поквалитетни работни места, така што младите да не ја напуштаат земјата. Исто така, платите треба да бидат на вистинското ниво, минималната плата е сè уште далеку од трошоците за живот. Постои потреба од посилно колективно договарање, особено во приватниот сектор“, рече Висентини.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, истакна дека меѓународната конференција на тема „Нов закон за работни односи, усогласување на внатрешното и европското законодавство за работни односи“ е организирана со цел да се разговара за новите предлози, наведувајќи повеќе барања.
„Во таа насока, ние, синдикатите, се залагаме за следново: договори за вработување на определено време само во исклучителни објективни услови и со траење до една година, 38-часовна работна недела, породилно отсуство во траење од 12 месеци, доследно почитување на правото за уредување на платите со закон, но и со колективен договор, целосно остварување на правото за годишен одмор“, рече Димовски.