Abdula Berisha
21 Октомври 2021•Ажурирај: 22 Октомври 2021
СКОПЈЕ (АА) - Светската банка (СБ) предвидува раст на бруто-домашниот производ (БДП) на Северна Македонија за 4,6 проценти во 2011 година, што е повисоко од пролетните проекции, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Северна Македонија не е исклучок од Западен Балкан, бидејќи целиот регион закрепнува по рецесијата во 2020 година предизвикана од Ковид-19 благодарение на побрзото закрепнување од очекуваното во 2021 година.
„Овие позитивни изгледи за Северна Македонија и понатаму се опкружени со надолни ризици како резултат на бавното темпо на имунизација и сè уште нарушените синџири на снабдување, како и со тоа што условите за финансирање почнаа да се затегнуваат“, вели Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија и Косово.
Во извештајот се истакнува дека пазарот на трудот бара повеќе внимание, бидејќи загубата на работни места од рецесијата непропорционално ги погоди жените и младите, а невработеноста на младите се зголеми на 37,7 проценти во 2021 година.
Исто така, од СБ истакнуваат дека Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан треба да се фокусираат на создавање работни места и економска трансформација, вклучувајќи ја и зелената транзиција.
СБ истакнува дека земјите од Западен Балкан би имале корист од реформите на деловното опкружување, управувањето и дигитализацијата, што би можеле да придонесат за растот и за затворање на јазот со земјите на ЕУ.
Ефективното управување со оваа зелена транзиција, вклучувајќи и многу компромиси со политиките, ќе треба да биде главниот фокус на вниманието на носителите на политиките на Западен Балкан во годините што претстојат.