Husamedin Gina
11 Март 2020•Ажурирај: 12 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) – Туристичкиот сектор на Северна Македонија, поради штетите од појавата на новиот вид коронавирус, Ковид-19, од Владата на Северна Македонија побара привремено ослободување од придонеси и даноци на личен доход за период од шест месеци и намалување на ДДВ за храна од 18 на 5 проценти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Стопанската комора на Македонија (Здружение за угостителство и туризам), Туристичко-угостителската комора на Македонија (Сoјуз на стопански комори на Македонија), Стопанската комора за туризам на Македонија, Здружението на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови – ХОТАМ и Националната асоцијација за дојдовен туризам – НАИТМ, денеска одржаа прес-конференција на тема „Мерки за ублажување на штетите од коронавирусот врз туристичко-угостителскиот сектор“.
Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија посочи дека во последните денови состојбата во туристичкиот сектор е алармантно влошена.
Затоа, како што рече Михајловска-Василевска, туристичкиот сектор подготвил конкретни мерки кои се испратени до Министерството за економија на Северна Македонија, како надлежен орган.
„Првично се бара шест месеци во одреден период од годинава нанапред преку државниот буџет да се поддржат придонесите и даночните ослободувања за вработените во хотелите, во туристичките агенции, превозниците во патниот сообраќај“, нагласи Михајловска-Василевска, додавајќи дека во овој период исто така интервентно се бара намалување на Данокот на додадена вредност (ДДВ) за храна од 18 на 5 проценти.
Меѓу десетте барања на туристичкиот сектор се наоѓа и итно формирање фонд за ублажување на штетите предизвикани од ширењето на Ковид-19, обезбеден со пренамена на средствата од програмата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) и секојдневна размена на информации на Координативното тело во АППТ со Министерството за економија за следење на состојбите.
Влатко Сулев, претседателот на Националната асоцијација за дојдовен туризам, истакнувајќи дека сите европски држави започнале со применување на мерки за ублажување на штетите од Ковид-19, за споредба укажа на тоа дека Словенија вложува милијарда евра за да го спасува туризмот, а тие бараат мерки само за да се ублажи состојбата.
Истакнувајќи дека туризмот е шансата на Северна Македонија за да се победи сиромаштијата, Влатко Сулев рече: „Ние сакаме туризмот да биде сфатен и во иднина посериозно, затоа што можеме да имаме многу подобри резултати, ги имаме сите ресурси како дестинација да имаме поголеми успеси.“
На прес-конференцијата претставниците на стопанските комори и здруженијата за туризам истакнаа дека ова е момент кога граѓаните на земјата треба да дадат поддршка на домашниот туризам бидејќи владее паника и страв за патување во странство.
Тие исто така нагласија дека во туристичкиот сектор во Северна Македонија директно се вработени околу 20 илјади лица, а индиректно над 100 илјади лица.