Gökhan Ergöçün
23 Септември 2021•Ажурирај: 24 Септември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Централната банка на Турција денеска ја намали неделната репо каматна стапка за 100 основни поени, или 18 отсто, јавува Агенција Анадолија (АА).
На својот деветти состанок оваа година, Комитетот за монетарна политика на Турција ја оцени основната инфлација и шоковите на понудата што можат да бидат засегнати од монетарната политика и одлучи да го ревидира ставот на монетарната политика на банката.
„Во согласност со тоа, се проценува дека е потребна ревизија на ставот на монетарната политика и е одлучено да се намали каматната стапка“, се вели во соопштението на Централната банка на Турција.
Централната банка на Турција одржуваше стабилна стапка за време на претходните пет состаноци, поточно, откако беше назначен актуелниот гувернер Шахап Кавџиоглу.
Анализирајќи ја нормализацијата на побарувачката на глобално ниво, банката рече дека зголемената глобална инфлација ќе биде претежно привремена.
„Моменталната остра монетарна политика и силната надворешна побарувачка имаа позитивно влијание врз салдото на тековната сметка. Се очекува тековната сметка да има вишок до крајот на годината поради силниот нагорен тренд на извозот и силниот импулс во програмата за вакцинација што ги стимулира туристичките активности“, соопшти Централната банка на Турција.
Според минатонеделното истражувањето на Агенција Анадолија, 18 економисти не очекуваа промена на репо стапката, додека прогнозата на двајца економисти беше пад од 100 основни поени.
Претходно оваа година, стапката беше 17 отсто, а во март банката ја зголеми на 19 отсто.
Годишната стапка на инфлација во Турција во јули изнесуваше 19,25 отсто, покажуваат најновите податоци на Турскиот завод за статистика (ТуркСтат).