Asiye Latife Yılmaz
24 Септември 2025•Ажурирај: 26 Септември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Американската сојузна држава Калифорнија вчера се согласи да исплати рекордни 25 милиони долари за обесштетување на човек што поминал повеќе од 38 години в затвор поради злосторство од 1983 година што не го извршил, јавува Анадолу.
Морис Хејстингс (72) бил осуден на доживотен затвор без право на условна слобода за сексуален напад и убиство на Роберта Вајдермајер, која починала од еден истрел во главата.
Хејстингс беше ослободен во октомври 2022 година откако новите ДНК-тестови недвосмислено го поврзаа злосторството со друг осомничен.
Судската спогодба од август произлезе од тужбата во која се наведува дека двајца полицајци од градот Инглвуд и истражител од канцеларијата на окружниот обвинител во Лос Анџелес го наместиле Хејстингс.
Обвинителството соопшти дека при обдукцијата на жртвата биле собрани биолошки траги од сторителот. Хејстингс уште во 2000 година побарал ДНК-тестирање, но му било одбиено.
Во 2021 година тој повторно се изјаснил за невин, а новите тестови покажале дека спермата не е негова, што доведе до поништување на пресудата во 2022 година, кога Хејстингс имал 69 години.
Подоцна истрагата укажала на Кенет Пакнет, кој бил уапсен за кражба на автомобил помалку од три недели по убиството во 1983 година. Кај него биле пронајдени накитот и паричникот што ѝ припаѓале на жртвата, но тогаш не бил истражуван за убиството. Пакнет починал во затвор во 2020 година.
Адвокатите на Хејстингс истакнаа дека оваа исплата од 25 милиони долари е најголемо обесштетување за неправедна осуда во историјата на Калифорнија.
„Ниедна сума пари никогаш нема да ми врати 38 години од животот што ми беа украдени“, изјави Хејстингс. „Но оваа спогодба е добредојден крај на еден долг пат и сега со нетрпение очекувам да продолжам со мојот живот.“