Gizem Nisa Çebi Demir
24 Септември 2025•Ажурирај: 24 Септември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Министерството за внатрешна безбедност на САД (ДХС) вчера објави дека повеќе од два милиона нелегални мигранти ја напуштиле земјата од 20 јануари, што властите го нарекоа историска пресвртница во обновената акција на претседателот Доналд Трамп против илегалната миграција, јавува Анадолу.
Според соопштението на ДХС, во бројката се опфатени околу 1,6 милиони доброволни „самодепортации“ и над 400.000 формални депортации за помалку од 250 дена.
Агенцијата проценува дека до крајот на првата година од новиот мандат на Трамп бројот на депортации ќе достигне речиси 600.000.
„Бројките не лажат: два милиона нелегални мигранти се отстранети или сами ја напуштиле земјата за само 250 дена – што докажува дека политиките на претседателот Трамп и лидерството на секретарката Ноем функционираат и ги прават американските заедници побезбедни“, изјави помошник-секретарката на ДХС, Триша Меклафлин.
Таа додаде дека засилените мерки за спроведување на законот, насочени кон „најтешките криминалци“, секојдневно отстрануваат сѐ повеќе нелегални мигранти од улиците и праќаат „јасна порака“ до сите што престојуваат нелегално во земјата: „'Самодепортирајте' се или ќе бидете уапсени и депортирани.“
ДХС соопшти дека четири последователни месеци Американската царинска и гранична служба не регистрирала ниту еден нов илегален влез, повикувајќи се на студија на ОН што покажала пад од 97% на миграцијата од Централна Америка кон север откако стапиле на сила новите политики.
Според агенцијата, речиси половина од потенцијалните мигранти се откажале од намерата за патување, убедени дека „под водство на претседателот Трамп е невозможно да се влезе во САД.“
Министерството му ги припишува заслугите на законот познат како „Еден голем, прекрасен закон“ (One Big Beautiful Bill), со кој е забрзано вработувањето во Службата за имиграција и царина (ИЦЕ).
Последните недели ИЦЕ добила повеќе од 150.000 апликации за работа, а капацитетите за притвор се прошируваат преку нови договори во 40 американски сојузни држави.
ДХС нагласи дека „ерата на отворени граници е завршена,“ ветувајќи натамошно проширување на приведувањата и депортациите во наредниот период.