Sefa Mutlu
25 Август 2018•Ажурирај: 26 Август 2018
ИСТАНБУЛ (AA) - СЕФА МУТЛУ -
Часовничарот од Истанбул, Ондер Самхал, 54 години од својот живот посветил на правење јавни градски часовници. Овие часовници не служат само за покажување на времето, туку се и еден од начините за одредување место за сретнување.
Самхал (70) во разговор за Anadolu Agency (AA) говореше за љубовта кон својот занает, за тоа како започнал да работи.
Уште како дете покажувал посебен интерес за дејности за кои е потребна прецизна рака и трпение.
„Кога имав четири или пет години, имитирав цртежи со водени бои на стакло, коишто ги црташе мојот брат, кој тогаш одеше во основно училиште. Ме интересираше. Сакав да правам играчки. Се сеќавам на еден постар човек од нашето маало. Уште како 15-16-годишник се дружев со неговиот син. Сфати дека ме интересираат нешта кои бараат прецизност. Повремено одев во неговата работилница и помагав. Така започнав и еве тоа трае веќе 54 години“, раскажа Самхал.

Истакнува дека го привлекла кревкоста на часовникот и неговата комплексност.
„Уживав работејќи ја оваа работа. Подоцна постепено напредував од чирак до мајстор. Со тек на времето почнав да поправам делови, а подоцна не можев да се одвојам од тоа“, рече Самхал, истакнувајќи дека неговото работно место било посебна школа и дека работел дисциплинирано.
Се пожали на сè помалиот број млади што се занимаваат со овој занает.
Самхал укажа на сменетите очекувања на човекот и дека неговата професија за другите луѓе почнала да губи на вредност.
Смета дека сè повеќе има такви што сакаат само да заработат, без покажување одредена љубов и почитување кон овој вид работа.
„Напредокот на технологијата доведе и до значителни промени во часовничарството. И покрај тоа“, додава Самхал, „и денеска постојат оние што го ценат рачниот труд. “
„Потребни се труд и време. Но кога ќе завршите и ќе слушнете тик-так, тик-так, чувствувате спокој. Тоа воедно ви е и награда. Гледајте ја таа работа. Од ништо, тие делови се спојуваат и речиси оживувааат. Слично како отчукување на срцето“, рече Семхал.
Еден од неговите последни проекти е часовникот во објектот на управата „Бејоглу“ во Истанбул.
„Часовник со пречник од 140 сантиметри работи три и пол до четири години. Изработката траеше еден месец. Часовниците станаа симболи. Нема потреба за опишување улица или булевар при одредеување место за сретнување. Доволно е да кажете: Јас сум кај часовникот на плоштад“, појасни Самхал.
Додаде дека направиле многу јавни часовници кои се поставени во градовите низ Турција, но и во земји како што се Русија, Азербејџан, Казахстан и Бугарија.