Erbil Başay
16 Декември 2020•Ажурирај: 16 Декември 2020
БЕРЛИН
Од последици предизвикани од заразување со новиот тип коронавирус (Ковид-19), во последните 24 часа во Германија животот го загубија 952 лица, што е нов рекорд на дневна основа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Институтот „Роберт Кох“ потврди уште 27.728 нови случаи на коронавирусот во изминатите 24 часа, со што вкупниот број на лица позитивни на коронавирусот се зголеми на 1.379.238.
Институтот, исто така, објави рекордно високи 952 смртни случаи, со што билансот на досега починати се зголеми на 23.427.
Бројот на починати што е објавен денеска е „најголем број смртни случаи на дневно ниво регистрирани од почетокот на епидемијата“.
Највисокиот број на смртни случаи на дневна основа во Германија беше регистрирана на 11 декември и изнесуваше 598 починати.
Институтот „Роберт Кох“ соопшти дека досега оздравеле 1.025.000 лица позитивни на Ковид-19.
- Од денеска во сила стапија нови мерки
Одлуката за нови рестриктивни мерки што во неделата ги договорија канцеларката Ангела Меркел и премиерите на германските сојузни државни во борбата против Ковид-19 денеска стапија во сила.
Според новите правила, сите продавници ќе бидат затворени, освен работните места каде што се продаваат основни животни средства. Покрај продавниците за продажба на прехранбени производи, отворени ќе останат деловните субјекти како што се банките, автоработилниците, оптичарите, бензинските пумпи, аптеките, поштите.
Училиштата и градинките ќе бидат затворени. Можно е да се направат одделни аранжмани, како што е образованието на далечина, за учениците од последната година.
Театрите, кината, оперските и концертните сали ќе бидат затворени, а спортските сали, базените, местата за забава, козметичките салони, берберниците, салоните за масажа и за тетовирање нема да даваат услуги.
Ќе биде дозволено најмногу две домаќинствата да бидат заедно, но притоа бројот на лица ќе биде ограничен на 5. Децата на возраст под 14 години нема да бидат вклучени во ограничувањето.
Затворените барови и рестораните ќе можат да дават услуга за испорака.
На локалната самоуправа во регионите со голем број случаи им се дава можност да преземат дополнителни мерки. Во тој контекст, државата Баден-Виртемберг воведува ограничување за излегување, а во Баварија е воведена забрана за излегување навечер.
Превентивните мерки ќе бидат во сила до 10 јануари.