Cüneyt Karadağ
24 Ноември 2021•Ажурирај: 25 Ноември 2021
БЕРЛИН (АА) - Со 66.884 новозаразени со новиот тип на коронавирус (Ковид-19) во последните 24 часа, Германија го достигна највисокото ниво на дневна основа од почетокот на епидемијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението што го објави Институтот „Роберт Кох“ се наведува дека во последните 24 часа се откриени 66.884 нови случаи на Ковид-19, што е „најголем број дневни случаи“ досега.
Во Германија каде што вкупниот број на лица позитивни на Ковид-19 се зголеми на 5.497.715, во моментов се активни 685.100 случаи на коронавирусот.
Со смртта на 335 лица како последица на коронавирусот во последните 24 часа, вкупниот број на починати се искачи на 99.768.
- Алармираат одделенијата за интензивна нега -
Во Германија, недоволниот број на медицински персонал и број на легла во одделенијата за интензивна нега предизвика да се премине во алармантна состојба.
Поради значителното зголемување на бројот на пациенти во болниците и одделенијата за интензивна нега, голем број болници одлучија да ги одложат неприоритетните операции.
Поради недостиг на празни кревети во одделенијата за интензивна нега во многу болници во источните и јужните региони на земјата, новодојдените пациенти почнаа да се префрлаат во други градови и покраини.
Констатирано е дека заклучно со 23 ноември, на одделенијата за интензивна нега низ земјата се наоѓаат 3.987 пациенти, од кои 2.042 се интубирани.
- Од денеска во Германија стапуваат во сила новите мерки -
Од денеска во Германија стапија во сила новите мерки преземени во рамките на борбата против Ковид-19 во земјата.
Повеќето од покраините го воведоа правилото 2Г, што се применува во гастрономијата и во шопингот. Според тоа, само на оние кои се вакцинирани или прележале Ковид-19, ќе им биде дозволено да влезат во затворени простории за јадење или на културни настани.
Голем број покраини во Германија го имаат имплементирано правилото 3Г за јавниот превоз и за бизнисите.
Според правилото 3Г, за оние кои отсега ќе сакаат да се возат со јавен превоз, воведен е условот да се вакцинирани, да имаат прележано Ковид-19 и да бидат оздравени или тестот на коронавирусот да им е негативен.
Правилото 3Г ќе важи и за вработените кои ќе сакаат да одат на своите работни места.
Многу германски покраини, вклучувајќи ги и Бранденбург, Саксонија и Баварија, ги затворија божиќните панаѓури.
Голем број политичари почнаа да бараат вакцината да биде задолжителна на национално ниво.
Се наведува дека стапката на вакцинација, која во земјата во моментов изнесува 68 %, треба да се зголеми на 85 % и вакцината да стане задолжителна за да може животот во земјата да се врати во нормала.