Ayhan Şimşek
06 Јануари 2021•Ажурирај: 07 Јануари 2021
БЕРЛИН (АА) - И покрај острите мерки, Германија денес извести за повеќе од 1.000 смтни случаи поврзани со Ковид-19, а вториот бран од Ковид-19 и понатаму силно ја погодува земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Институтот „Роберт Кох“ регистрираше 1.019 смртни случаи и 21.237 нови случаи на вирусот во изминатите 24 часа, што е над просек во изминатите седум дена. Тоа го зголеми вкупниот број на смртни случаи во Германија на 36.537, а бројот на потврдени случаи на повеќе од 1,8 милиони, од почетокот на пандемијата.
- Загрозена постарата популација -
Според податоците на Институтот новите случаи меѓу постарите лица се во пораст во последните месеци и доведоа до пораст на бројот на сериозни случаи и смртни случаи.
„Бидејќи пациентите во постарите возрасни групи често имаат потежок облик на болеста, бројот на сериозни случаи и смртни случаи останува на високо ниво. Тоа може да се избегне ако сите го спречат ширењето на вирусот со помош на мерките за негово сузбивање“, се соопштува од Институтот.
Оттаму наведуваат дека од сите смртни случаи поврзани со Ковид-19 во Германија, 88 отсто се забележани меѓу лицата постари од 70 години или постари, со просек од 84 години.
Од понеделникот, 5.678 заразени со Ковид-19 беа на лекување на одделите за интензивна нега, од кои 3.181 на респиратори.
- Нови ограничувања -
Германската канцеларка Ангела Меркел во вчера најави дека мерките на затворање ќе се продолжат до 31 јануари, и дека ќе бидат преземени и додатни мерки во борбата против вториот бран на пандемијата.
Таа изјави дека бројот на нови случаи на вирусот во Германија и понатаму е голем и дека новиот вид на коронавирус идентификуван во Велика Британија предизвикал голема загриженост.
„Сега мораме да бидеме посебно внимателни. Ова е нова и вонредна ситуација“, изјави таа повикувајќи ги граѓаните да ги сведат социјалните контакти на минимум, и што повеќе да остануваат во своите домови во следните три недели.
Според одлуките донесени вчера, училиштата, градинките и сите неесенцијални продавници во земјата ќе останат затворени најмалку до 31 јануари.
Во подрачјата во кои бројот на заразени е поголем од 200 на 100.000 луѓе, локалните власти би можеле на граѓаните да им забранат патувања подалеку од радиус од 15 километри од нивното место на живеење.
Приватните собири на домаќинствата се ограничени на само едно лице од друго домаќинство.