Esat Fırat
06 Јануари 2021•Ажурирај: 08 Јануари 2021
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските војници искорнаа околу 2.000 маслинови дрвја на Палестинците во градот Селфит, што се наоѓа во окупираниот Западен Брег, јавува Агенција Анадолија (АА).
Јахја Авде, градоначалник на Општина Дејр Балут во Селфит, во изјавата за АА истакна дека израелските сили искорнале 2.000 маслинови дрвја на Палестинците во западниот дел на Дејр Балут.
Авде информира дека војниците ги искорнале дрвјата со образложението дека местото се наоѓа во Зоната Ц.
Тој нагласи дека израелските власти минатата година упатиле опомена до сопствениците на маслиновите насади да ги искорнат стеблата, а потоа сопствениците се обратиле до судот и дека дрвјата биле искорнати без да заврши судскиот процес.
Авде рече дека ја осудуваат оваа практика на израелските војници, нагласувајќи дека оваа зона е приватен имот на Палестинците и дека постои обид да се заплени зоната, со цел да се изградат еврејски населби.
Во рамки на Вториот договор од Осло, потпишан во 1995 година меѓу Палестина и администрацијата на Израел, Западниот Брег беше поделен во три зони, А, Б и Ц.
Според тоа, Палестина управува со Зоната А (18 отсто од Западниот Брег) од административен и безбедносен аспект; исто така управува со Зоната Б (21 отсто од Западниот Брег) само од административен аспект, додека Израел управува со безбедноста.
Израел ја има целата управа во Зоната Ц (61 отсто од Западниот Брег), како од административен, така и од безбедносен аспект.