Barış Seçkin
07 Април 2020•Ажурирај: 08 Април 2020
РИМ
Во Италија денес се потврдени 604 нови смртни случаи од Ковид-19, со што вкупниот број на починати во земјата изнесува 17.127, највисока бројка во светот, но сепак, процентуално гледано, има намалување во растот на нови случаи на заразување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трендот на забавување во новиот број на потврдени случаи на заразување кој се намали од двоцифрениот број од раните фази на епидемијата, се чини дека го поддржува надевањето на Владата дека е досигнат врвот на заразувањето,
Бројот на нови потврдени случаи од вчера е зголемен за 0,9 отсто, при што вкупниот број на заразени изнесува 94.067. Бројот на лица кои што се излекувале продолжува да се зголемува, при што вкупниот број на излекувани лица изнесува 24.392, додека бројот на пациенти кои се на интензивна нега се намалува веќе четври ден по ред.
Епицентарот на епидемијата во Италија останува да биде северниот регион Ломбардија, каде бројот на починати достигна бројка од 9.484 лица.
Во тековната борба против епидемијата на Ковид-19, италијанските власти го продолжија речиси целосното ограничување на движење, со што се запрени повеќето производствени и деловни активности во Италија - најрано до 13 април.
Сепак Владата е загрижена дека престојното убаво време и празниците можат да доведат до повторен раст на бројот на заразените, со тоа што луѓето можат да почнат повторно да излегуваат и да се собираат.
Шефот на кризниот центар на Владата за пандемија на Ковид-19, Доменико Аркури повика луѓето за време на Велигден, да не заборават дека поради коронавирусот починале повеќе од 16.500 лица.
Тој изрази надеж дека мерките ќе бидат укинати кратко по Велигден.
„Би било непростливо да се упропасти досегашната пожртвуваност на сите нас“, заклучи Аркури.
Премиерот Џузепе Конте во неколку наврати рече дека Владата ќе започне со ублажување на мерките само кога научниците ќе го одобрат ваквиот потег, но тој не даде информации за конкретен датум.
Владата денес се состана да одобри нов пакет мерки со цел да им помогне на бизнисите и инвеститорите да се справат со големата криза предизвикана од пандемијата, што ризикува да ја втурне италијанската кревка економија во нова, болна рецесија.
Новиот пакет се очекува да вклучува мерки за доделување на нова ликвидност и банкарски заеми - во вредност до 400 милијарди евра (432 милијарди долари) - за бизнисите и компаниите оштетени од појавата и ограничувањето на движењето.