Erkan Tiryaki,Emre Doğan
06 Мај 2020•Ажурирај: 08 Мај 2020
АНКАРА (АА) – ЕРКАН ТИРЈАКИ / EMРЕ ДОГАН –
Италијанскиот кошаркар на Фенербахче Беко, Луиџи Датоме, изјави дека е горд на Турција, откако земјата ѝ помогна на неговата татковина Италија во борбата со новиот вид коронавирус, Ковид-19.
Датоме, кој постигна големи успеси во Фенербахче, во разговорот со Агенција Анадолија се осврна на последната ситуација во Италија, помошта на Турција за неговата татковина, и за тоа што преживеал во овој период.
Поради коронавирусот овој период Датоме го поминува во својата родна Италија. Тој, осврнувајќи се на помошта којашто Турција ја донираше на Италија и на други земји во борбата против Ковид-19, рече: „Многу сум благодарен на Турција и горд сум на Турција. Турција е една од првите земји која ѝ помогнаа на Италија. Тоа за нас е многу важно. Сега е време кога светот треба да се обедини и да помага. Затоа, ваквите нешта треба повеќе да ги има во медиумите.“
Истакнувајќи дека и Турција води добра борба против епидемијата, 32-годишниот кошаркар рече: „Ги гледам бројките во Турција, добивам информации и од моите другари. Се надевам дека вака ќе продолжи и ќе биде уште подобро. И јас, покажувајќи примери од Италија, предупредував кога во Турција сè уште не беше раширена епидемијата. Според мене добро е што има забрана за излегување надвор. Се надевам дека вака ќе продолжи.“
- „Во Италија започна втората фаза“ -
Датоме рече дека рестриктивните мерки во Италија оваа недела се малку ублажени.
„Во Италија започна втората фаза. Олабавени се мерките за забрана за излегување надвор. На луѓето од многу сектори им беше дозволено да се вратат на работа применувајќи ја мерката за социјална дистанца. Оваа недела околу 4,5 милиони луѓе се вратија на своите работни места. Исто така се дозволи да се посетуваат роднини. Сè уште се забранети социјалните активности. На професионалните спортисти како мене дозволено им е да ги посетуваат спортските сали“, истакна искусниот кошаркар.
Тој рече дека веќе 4 недели е во Италија.„Јас моментално сум на Голфо Аранци, на островот Сардинија. Тука имам стан. Ова е град со две илјади луѓе. Читам книги, вежбам. Денот ми поминува на тој начин.“
Датоме, објаснувајќи дека како активни спортисти живеат во брзо темпо, рече дека паузата од ментален аспект била добродојдена за него.
„Добро е што сè стопираше, и ментално и физички. Јас многу често ги користам социјалните медиуми. Ние сакаме да ги поддржуваме луѓето што седат дома, сакаме да почувствуваат дека сме со нив. Секоја среда заедно со Николо Мели правиме едночасовна програма на социјалните медиуми. Во овој период не читам многу книги, читам многу вести за да пратам што се случува. Имав повеќе време да свирам на гитара. Го гледав документарецот 'The Last Dance'. Многу е убаво да се гледа такво нешто во моментот кога нема спорт. Многу е добро да се гледа животот на успешната икона [Мајкл Џордан], да се види со какви проблеми се соочувал во животот, во соблекувалната, во врските“, рече Датоме.
На крајот од разговорот тој упати порака до Турција на турски јазик.
„Многу ми недостасувате. Но, во овој момент сите знаат дека периодот е тежок. Затоа требаше да останеме дома. Се надевам дека еден ден се ќе биде добро“, рече Датоме.
Инаку, Туција испрати медицинска помош до неколку десетици земји во светот како помош во борбата против вирусот Ковид-19, меѓу кои и во Италија, Шпанија, САД, Велика Британија,во балканските земји како Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора и во други држави.