Ekipa
23 Ноември 2021•Ажурирај: 24 Ноември 2021
ЖЕНЕВА (АА) - Светската здравствена организација (WHO) соопшти дека Ковид-19 е главната причина за смртност низ Европа и Централна Азија, со 1,5 милиони евидентирани смртни случаи, и предупреди дека до март стапката може да достигне над 2 милиони, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Денес, Ковид-19 е причина број еден за смртност во Европа и Централна Азија, како што се наведува од Институтот за здравствена метрика и евалуација, кој спроведува моделирање за СЗО/ Европа“, рекоа од СЗО, предвидувајќи проблеми околу болничките кревети во 25 држави.
„Минатата недела, пријавените смртни случаи како последица на Ковид-19 стигнаа до речиси 4.200 на ден, двојно повеќе од регистрираните 2.100 смртни случаи на ден на крајот од септември“, соопшти СЗО.
Ханс Клуге, директорот на СЗО за Европа, повика на засилена кампања за вакцинирање на оние што се изложени на ризик од заразување со Ковид-19, а носењето маска е предложено со цел стапката да се одржува на ниско ниво.
„Ова значи примање на стандардните дози од вакцините, примање на трета доза доколку се понуди, како и примена на превентивни мерки во нашите секојдневни рутини“, рече Клуге.
- „Носете маски, проветрувајте“ -
„Носењето маска, миењето раце, проветрувањето на затворените простории, одржувањето физичка дистанца, кивањето во вашиот лакт, се едноставни, но ефективни начини да се контролира вирусот и функционирање на општествата.“
Клуге истакна дека секој може да помогне во избегнувањето непотребни трагедии и загуба на животи, како и лимитирање на понатамошно нарушување на општествата и бизнисите за време на зимата.
„Може да очекуваме дека ќе има висок или екстремен притисок за болнички кревети во 25 држави, и висок или екстремен притисок на [одделите за] интензивната нега во 49 од 53 држави од сега до 1 март 2022“, рече Клуге.
СЗО објави дека во последните месеци многу држави ѝ посочувале на јавноста дека Ковид-19 повеќе не претставува итна закана и ги ублажиле мерките како што се носењето маски и физичката дистанца во затворени простории и места каде што има многу луѓе.
„Пријавените смртни случаи се предвидува да достигнат над 2,2 милиони до пролет, врз основа на постоечкиот тек“, посочи Клуге.
Тој рече дека во регионот на Европа делта варијантата на вирусот е доминантна и високо пренослива, при што ниту една земја нема пријавено повеќе од 1 отсто заразени од некоја друга варијанта.
„Со голем број на луѓе кои сè уште не се вакцинирани и редуцираната заштита од вирусот преку вакцинација, многу луѓе останаа ранливи на вирусот“, предупреди СЗО.
„Вакцините за Ковид-19 се витална алатка за спречување на многу зарази и смртни случаи и се покажаа како ефективни и покрај појавата на неколку варијанти на загриженост“, додаваат оттаму.
- 53,5 проценти целосно вакцинирани -
Повеќе од 1 милијарда дози беа дадени во регионот на Европа, а 53,5 проценти од луѓето се целосно вакцинирани.
Сепак, податоците кријат големи разлики меѓу земјите, каде што соодносот во комплетно примените дози на вакцини се движи од под 10% до над 80% од вкупното население.
Во моментот, 48 проценти од луѓето во Европа носат маска кога излегуваат од дома.
Студијата што е објавена минатата недела за ефективноста на јавните здравствени мерки, сугерира дека носењето маска ја намалува инциденцата за 53 проценти.
„Ако од денеска се почитува носењето маска до 95 проценти, се смета дека над 160.000 смртни случаи ќе бидат спречени до март“, порачаа од СЗО.