Ali Cura
24 Ноември 2021•Ажурирај: 25 Ноември 2021
ГРОДНО (АА) - Белорускиот државен пограничен комитет објави дека мигрантите кои сакаат да преминат во Европа преку белоруско-полската граница биле вратени назад, против кои, според наводите, биле користени експлозивни материјали, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во видеоизјавата се вели дека група мигранти одбиле да одат на белоруската територија преку полската граница и се обиделе да се засолнат на полската територија во понеделникот на полноќ.
„Полските сили фрлија експлозив на белоруската територија од граничната линија и употребија солзавец за да ги растераат мигрантите“, се вели од пограничниот комитет.
Наведувајќи дека таквите акции ги зголемуваат тензиите со мигрантите и предизвикуваат провокации на границата, се наведува и дека употребата на експлозиви против мигрантите од страна на полските сили не е првпат.
„Употребата на експлозиви, звучни бомби, водени топови и гасни бомби од страна на Полска, го прекршува меѓународното право и претставува директен напад против ранливите бегалски групи“, се вели во извештајот.
Во меѓувреме, магацин во пограничниот регион Брузги беше претворен во центар за мигрантите.
Белорускиот државен пограничен комитет претходно објави дека бидејќи нема никој во камповите во шумата, новинарите не можат да работат во подрачјето, но можат да продолжат со работата во центарот каде што моментално се сместени мигрантите, во пограничниот регион Брузги.
По налог на белорускиот претседател Александар Лукашенко, на мигрантите им била поделена медицинска помош, вода и средства за хигиена.
По 10 дена поминати во шатори на студено време, групите мигранти брзо се упатија кон центрите.
Во заштитениот простор, децата си играат додека мајките се грижат за доенчињата.
Од август, земјите од Европската Унија кои граничат со Белорусија - Литванија, Летонија и Полска - пријавија драматично растечки број на нерегуларни премини.
Над 8.000 луѓе се обиделе да влезат во ЕУ преку белоруската граница во 2021 година, што е значително повеќе од само 150 минатата година.
Според ЕУ, Белорусија допира до потенцијалните патници преку навидум официјални канали, вклучувајќи дипломатски претставништва и туристички агенции, и ги кани во Белорусија нудејќи им визи. Потоа, наводно, се водат до границата на ЕУ.
Во последната недела, најмалку 2.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца, беа заглавени на белоруско-полската граница во тешки услови.