Servet Günerigök
12 Мај 2020•Ажурирај: 12 Мај 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) дневно спроведуваат 300.000 тестови за коронавирусот, а оваа недела ќе ја поминат пресвртната точка од 10 милиони тестирања, изјави американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на прес-конференцијата во Белата куќа за капацитетот на тестирање на земјата, тој рече дека досега се извршени над девет милиони тестирања и дека дневниот број на тестирања значително ќе се зголеми.
„Оваа недела САД ќе спроведат над 10 милиони тестирања - скоро двојно повеќе од бројот на која било друга земја“, изјави Трамп пред новинарите.
Тој рече дека Управата за храна и лекови одобрила 93 различни тестови за борба против пандемијата на вирусот Ковид-19, од кој се заразени речиси 1,35 милиони луѓе во земјата, а над 80.000 починаа.
Федералната влада, исто така, ќе им даде 11 милијарди долари на сојузните држави за да ги искористат за тестирање на жителите.
Коронавирусот, официјално познат како Ковид-19, откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан изминатиот декември, се рашири во речиси 200 земји и региони. Европа и САД во моментов се најтешко погодени региони.
Пандемијата досега ги зеде животите на над 285.400 луѓе во светот, над 4,16 милиони се заразени, додека излекувани се 1,45 милиони, според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.