Ekip
22 Март 2020•Ажурирај: 23 Март 2020
ОВИЕДО (АА) - Во изминатите 24 часа во Шпанија од последиците на коронавирусот починаа 394 лица, со што билансот на вкупно починати во таа земја е зголемен на 1.720, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ресорните институции на Шпанија соопштија дека во изминатите 24 часа се потврдени и нови 2.646 случаи на заразување, со што бројот на заразени со коронавирусот во таа земја е зголемен на 28.572.
Шпанија го помина Иран по бројот на фаталните исходи на заразувањето со коронавирусот. Ако продолжат негативните трендови, Шпанија, како Италија, по бројот на смртни случаи би можела да ја надмине и Кина.
Синоќа шпанскиот премиер Педро Санчез во обраќањето до нацијата истакна дека најлошото допрва претстои и дека властите и здравствените установи прават надчовечки напори да им помогнат на заболените.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави во кинескиот град Вухан. Потенцијално смртоносниот вирус брзо се прошири во повеќе земји, а Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија на Ковид-19.
Од коронавирусот досега во светот се заразени вкупно 308.594 луѓе, а од последиците починаа најмалку 13.069 лица.
Излекувани се 95.829 лица, а моментално на лекување се 199.696 заразени, меѓу кои 9.943 лица се во тешка состојба.