Stipe Mayiç
15 Јануари 2017•Ажурирај: 16 Јануари 2017
ЗАГРЕБ (AA) - Македонската пејачка Калиопи, позната по својот специфичен глас и музиката од средината на 1980-тите години, по затишјето во кариерата во виорот на војната на просторите на Југославија, успешно се врати како соло-пејачка која со својот квалитет ги надминува границите на Македонија, и на регионот.
Таа е една од ретките пејачки која не ги крие своите години, бидејќи нејзиниот изглед успешно ги прикрива.
Пред Денот на вљубените, на 13. февруари, ќе одржи концерт во загребската „Творница“.
По Загреб ќе одржи концерт во Тузла, на 15. февруари во Бања Лука, на 16. во Мостар, 17. во Зеница а на 18. февруари мини турнејата во БиХ ја завршува со настап во Сараево.
Со актуелниот сингл „Роденден“ и неодамнешниот хит „Кестени“, Калиопи во текот на престојните концерти своите бројни фанови ќе ги почести со хитовите кои ја одбележаа нејзината кариера од регионални размери. Од песните како што се „Бато“ и „Кофер љубави“, па сè до „Вучица“, „Пожели“, „Црно и бело“, „Мрвица“, „Мелем“, „Дона“... престојниот концерт ќе биде опсежен пресек на кариерата на оваа позната пејачка.
На прашањето за музиката и јазичните бариери, Калиопи порача дека музиката е најсовршената творба на уметноста која е толку универзална што емоцијата на песната се разбира и без познавање на јазикот на кој се пее песната.
„Босна и Херцеговина е тло кое секогаш го нарекувавме 'музички Харлем на Југославија' бидејќи кој ќе помине низ Босна, тој поминува секаде", рече Калиопи за Anadolu Agency (AA).
Калиопи е пејачка од истоимената група која е формирана 1984 година и стекна слава во републиките на поранешна Југославија, па и пошироко.
Токму во Хрватска, во Опатија, групата Калиопи имаше свој прв јавен настап на Опатискиот фестивал каде што со песната „Лео“, како потполно анонимна музичка група, ги собра сите симпатии на публиката и ја доби наградата за најдобар сценски настап и интерпретација од акредитирани новинари на тогашна Југославија.
Потоа следуваа два албума и бројни награди и успеси, гостувања низ Советскиот сојуз, а тогаш пејачката Калиопи и нејзиниот тогашен музички и животен партнер Ромео Грил се отселија во Швајцарија, каде што започнале, како што вели пејачката, еден нов живот на анонимни луѓе во туѓа земја.
Но, ниту тогаш не престанале со компонирање песни.
Калиопи од 1999 година се враќа во Македонија каде што започнува соло-кариера во соработка со композиторот Ромео Грил. Албумот„Обои ме“ тогаш предизвика големо внимание кај музичката публика.
„Младите луѓе говореа 'ете ја новата пејачка Калиопи', а постарите луѓе говореа 'тоа не е нова пејачка, туку тоа е нашата пејчака Калиопи'. Ми беше најголемо задоволство кога ќе ме сретнеа млади луѓе на улица и кога ќе ми кажеа 'ти благодарам шти ни го врати нашиот јазик во модерната музика'“, рече Калиопи.
Со албумот „Желим ти речи“ од 2005 година се враќа на регионалниот пазар каде што нејзините песни и албуми успешно се дистрибутираат, како носачи на звук, така и преку радио и телевизиските станици.
Со својата евровизиска песна „Црно и бело" стекна огромен успех во регионот, но и планетарен успех бидејќи песната е обработена на повеќе светски јазици.
Зад македонската поп пејачка Калиопи има 13 музички албуми, два настапа на Евровизија и богата музичка кариера која преживеа крах на една држава и големи општествени и културни промени.