Furkan Abdula
18 Септември 2018•Ажурирај: 19 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Со поддршка на Министерството за култура на Македонија, во организација на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ) вечерва во Сули Ан во Старата скопска чаршија, се одржа меѓународниот поетски настан „Јахја Кемал Бејатли“, јавува Anadolu Agency (AA).
На настанот присуствуваа министерот за култура на Македонија, Асаф Адеми, претседателот на МАТУСИТЕБ, Хусрев Емин, претставници од политичката сцена, претставници на турските институции и здруженија во земјата, поети од Македонија, Косово, Турција, Азербејџан, Киркук, Бугарија, Источна Тракија и Гагаузија, како и љубители на поезијата.

Министерот Адеми во своето обраќање пред присутните истакна дека Јахја Кемал Бехајтли, кој е роден во Скопје, е име кое оставило белег во 20. век.
„Можам да кажам дека на улиците низ чаршијата во која се наоѓаме, можете и денес да видите белези од Јахја Кемал Бејатли“, нагласи Адеми.

Mинистерот за култура им посака успех на поетите од различните земји присутни на настанот.
Претседателот на МАТУСИТЕБ, Хусрев Емин, нагласи дека настанот го организирале по повод 60. годишнина од смртта на Јахја Кемал Бејатли.

„На Балканот, во Македонија, особено во Скопје, турскиот јазик останал жив и во различни уметнички програми, и во литературни дела“, рече Емин, додавајќи дека го организирале настанот со цел да го потврдат и зајакнат присуството на турскиот јазик во Скопје.
Тој упати благодарност до Министерството за култура на Македонија, како и до министерот Адеми, поради дадената поддршка во организирањето на овој настан.
Почесниот претседател на Сојузот на поетите од Турција, Мехмет Доган, истакна дека овој настан ги обединува поетите кои доаѓаат од различни места на турскиот свет, а укажа и на Јахја Кемал Бејатли.
По одржаните говори, бројни поети пред присутните прочитаа извадоци од својата поезија.