Edıta Zekjırovıc
23 Февруари 2022•Ажурирај: 25 Февруари 2022
СКОПЈЕ (АА) ‒ ЕДИТА ЗЕЌИРОВИЌ ‒
Секој член во одреден музички бенд е важен, но тапаните најчесто и најмногу доаѓаат до израз. Оние кои се музички упатени, неретко велат дека колку е добар тапанарот, толку е добар и бендот. Во светот на музиката постојат бројни бендови чии тапанари се нивни заштитен знак.
На Балканот постојат многу бендови чии изведби ги красат звуците на тапаните, но ретко кој бенд во својот состав има женски тапанар. Една од тие ретки тапанарки е младата Мартина Баракоска (23) од Скопје.
Таа е дел од македонскиот бенд „Функ шуи“, а во разговор за Агенција Анадолија (АА) зборуваше за посебноста на тапаните како музички инструмент и предизвиците при активно учество во музичката индустрија.
‒ Предизвикот на пандемијата успешно прифатен ‒
Баракоска од најрана возраст тежнее кон уметноста, а подоцна тапаните стануваат нејзин начин да создаде уметност, воедно и своето знаење да го пренесе на другите, па така започнува да одржува часови по тапани.
„Имав деца [ученици] на возраст од 7 до 30 години и беше многу убаво. Набргу потоа почна пандемијата, некако бев ставена во ќош и морав да се снајдам, па почнав да држам часови на „Скајп“ и на „Зум“. Имаше многу луѓе на кои им беше непријатно на почетокот, но на сите ни беше поинтересно што најдовме начин како да го поминеме времето“, вели Баракоска.

‒ Тапаните не се „машки“ свет ‒
Баракоска вели дека кај свирењето тапани не е важна силата, туку техниката и посветеноста кон инструментот.
„Има некоја изместена перспектива кон свирењето, кон инструментот, дека тоа е премногу „машки инструмент“ и дека треба којзнае колку да удираш за да извадиш звук“, открива Баракоска, и вели дека доказ за спротивното се големиот број девојчиња кои се заинтересирани да научат да свират на тапани, меѓу кои најмалата ученичка има 4 и пол години.
‒ Инструменти од „Истанбул Мехмет“ ‒
Првата чинела на која започнала да свири била произведена од „Истанбул Мехмет“. Воодушевена од посебноста на звукот, одлучува тие да бидат неизбежен дел од нејзиниот сет на тапани.
„Истанбул Мехмет“ се едни од ретките [инструменти] во ова модерно време што се изработуваат рачно. Постои фабрика во Истанбул каде што се коваат и секоја чинела која е направена е буквално како отпечаток од прст, ниту една не е иста“, раскажува младата тапанарка.
„Ниту една не звучи исто, што е многу убаво. Се печат во печка, потоа ги коваат, буквално ги „месат“ и прават еден предобар производ, што звучи преубаво“, објаснува таа, говорејќи за опремата која ја користи.
‒ Спој на народна со модерна музика ‒
Македонско винил-издание со наслов „Стела“ со оригинална музика на Оливер Јосифовски, во изведба на групата „Љубојна“ е еден од проектите во кои Баракоска зема учество.
„Порано музиката се создавала за да им олесни на луѓето, да си ги кажат проблемите, да си ги кажат маките и сметам дека таа е еден многу добар начин на изразување. Мислам дека ништо не е сменето, можеби стилот е сменет, можеби начинот на којшто се прави [музиката] е сменет, но некако кога ќе се спојат тие две [народното и модерното], има многу смисла“, вели таа за соработката.
Растејќи со звукот на тапаните од Чад Смит, тапанарот на „Ред хот чили пеперс“, Баракоска низ годините одлично ја усовршува техниката за која интерес да ја научат покажуваат и ученици надвор од границите на земјата.
Баракоска вели дека луѓето секогаш треба да го одберат тоа што им го кажува срцето и да го слушаат гласот однатре. Бидејќи колку и да се предомислувала поради тежината и динамиката на инструментот, таа преку тапаните се пронашла себеси и го пронашла начинот искрено да го пренесе тоа што го чувствува.