Ferdi Bayat
20 Февруари 2022•Ажурирај: 22 Февруари 2022
КАИРО (АА) – ФЕРДИ БАЈАТ - Остатоците од градот Тел Амарна или Амарна подолго од три милениуми сведочат за културно-историското наследство на Древниот Египет. Станува збор за археолошки парк што се наоѓа на 45 километри од градот Миња, пишува Агенција Анадолија (АА).
Таа е поранешна египетска престолнина изградена помеѓу 1370 и 1346 година пр. н. е. во периодот на 18. египетска династија и фараонот Ехнатон (Аменхотеп IV).

Фараонот Ехнатон бил на власт на врвот од моќта на египетската цивилизација и бил монотеист кој верувал во Богот на Сонцето. Наредил да се изгради новата престолнина Амарна затоа што нејзиниот рид наликувал на хиероглифскиот знак на хоризонтот во чиј центар секое утро се појавувало Сонцето.
Градот од три страни е опкружен со ридови, а од четвртата со реката Нил, и бил главен град до крајот на владеењето на фараонот Ехнатон. Неговиот наследник Тутанкамон ја променил резиденцијата на кралското семејство и Амарна била во голема мера уништена и ограбена.

Амарна во екот на својата слава била населена со околу 25.000 жители, а ја краселе бројни уметнички работилници.
Со археолошките ископувања откриени се 25 кралски гробници и остатоци од палата. Во работилницата на вајарот Тутмозис откриена е и биста на сопругата на Ехнатон, кралицата Нефертити. Во моментов е изложена во музејот во Берлин. Наводно таму се наоѓала и мумијата на убавицата Нефертити, но била украдена и однесена во странство.

Амарна е специфична и по тоа што била изградена во периодот на многубоштвото во Древниот Египет, а фараонот Ехнатон ја сметал таа локација за света и идеална за култ посветен на Богот на Сонцето. Така, Амарна се смета за еден од симболите на пресврт во религиозниот живот на Древниот Египет.
Египетските власти од октомври 2000 година работат на кандидатурата на древниот град Амарна за листата на светско наследство на УНЕСКО.