Edıta Zekjırovıc
01 Септември 2021•Ажурирај: 02 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Со читање на поезија на македонски и албански јазик започна првото издание на интернационалниот Скопски поетски фестивал, во Младинскиот културен центар (МКЦ), кој ќе трае до 3 септември, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на првото издание на Скопскиот поетски фестивал учествуваа поети од Северна Македонија, но и поети од Грција, Србија, Хрватска и Латвија, кои присуствуваа преку видеопроекции и интерпретираа поезија.
Фестивалот се отвори со настанот „Стихофренија“, пред МКЦ, со поетско читање посветено на народната поезија и фолклорот. Читањето беше музички поддржано со настап на дел од членовите на ВИС „Тркалезна маса“.
Во текот на фестивалот ќе се емитуваат и неколку куси поетски филмови, дел од нив се наменски снимени и инспирирани од песните на поетите, а авторите се од САД, Јапонија, Германија и Канада.
За третиот фестивалски ден планирана е онлајн работилница на креативно пишување. Работилницата ќе ја води Ким Симонсен од Универзитетот во Амстердам, во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и Институтот за македонска литература. Работилницата ќе се одвива онлајн, и со тоа ќе заврши фестивалската програма.
Основачите на Скопскиот поетски фестивал велат дека преку овој фестивал сакаат да ја сочуваат културата, јазикот и уметноста. За нив, како што рекоа, поезијата претставува одек, мисла, живот и конзервирана вредност која ќе патува низ времето и ќе ја збогати иднината.
На фестивалот се одржа и изложба, отворена за сите посетители. Изложбата се состоеше од делата на ликовни уметници и графички дизајнери инспирирани од песните на секој од поетите кои настапија на фестивалот.
Фестивалот е под иницијатива на ПНВ Публикации, а го организираат група поети ентузијасти и е поддржан е од Младинскиот културен центар ‒ Скопје и од Град Скопје.