Наградуваниот фоторепортер Мухамед Мухејсен, член на жирито на „Istanbul Photo Awards 2026“, рече дека за него тоа било одлично искуство од кое може да се научи, нагласувајќи го глобалниот карактер на натпреварот, високиот квалитет на пријавите и силниот наратив, јавува Анадолу.
„Голема чест е да се биде дел од ваков престижен натпревар“, изјави Мухејсен за Анадолу, истакнувајќи дека годинашното издание опфатило десетици илјади фотографии што раскажуваат приказни за луѓето, планетата и живите суштества од целиот свет.
Како двократен добитник на Пулицерова награда и фотограф на „Нешнл џиографик“, Мухејсен помина децении документирајќи големи глобални настани и хуманитарни кризи, особено приказни за бегалци на сите континенти.
Тој истакна дека процесот на селекција се фокусирал на извонредноста, а не на квантитетот, нагласувајќи:
„Сè се сведуваше на квалитетот, а не на квантитетот.“
„Успеавме да ги опфатиме и избереме победниците според квалитетот и моќта на визуелниот израз, со разновиден избор што дава праведен приказ на сè што се случи низ светот во текот на 2025 година“, рече Мухејсен.
Осврнувајќи се на повеќе од две децении искуство на терен од 2001 година, тој рече дека процесот на оценување бил и предизвикувачки и инспиративен.
Објасни дека жирито работело во три фази – индивидуални прегледи, потоа заеднички онлајн дискусии и завршни консултации за избор на победниците.
„Завршната фаза е секогаш најтешка“, рече тој, опишувајќи како членовите на жирито избирале фотографии со многу силна приказна и висок технички квалитет.
„За мене, сите фотографии што влегоа во финалето се победници“, нагласи Мухејсен.
– „Фотографијата на годината се издвојуваше од сите“ -
Осврнувајќи се на фотографијата на годината, „Газа, без надеж“ на Хајтам Имад, Мухејсен рече дека победничката фотографија, која прикажува неисхрането дете што го држи жена во болничка соба во Газа, се истакнала поради емотивната длабочина и универзалната порака.
„Оваа фотографија се издвои сама по себе поради емоцијата што ја пренесува“, рече тој, нагласувајќи ја вештината на фотографот да ги долови светлината, моментот, емоцијата и приказната.
Тој додаде дека фотографијата има глобален одек бидејќи ги прикажува децата погодени од војна, истакнувајќи дека раскажува глобална приказна дека децата се вистинските жртви на конфликтите и војните низ светот.
Мухејсен, кој долго време документирал воени зони и бегалски кризи, се осврна и на предизвиците на работа во подрачја со конфликт.
„Како фотограф, кога сте во воена зона, и вие сте цел“, рече тој, додавајќи: „Некогаш велевме дека кога одите во зона на конфликт, можеби треба да го понесете и сопствениот ковчег ако не се вратите.“
И покрај ризиците, тој нагласи дека работата на фоторепортерите е света.
„Без овие фотографии, светот би бил мрачно место“, рече Мухејсен.
- Искуството во жирито „ви ги отвора очите“ -
Мухејсен истакна дека ова искуство му донело нови перспективи.
„Научив за приказни за кои не сум знаел“, рече тој, додавајќи дека прегледувањето на пријавите ги отвора очите кон различни делови од светот.
Тој истакна дека процесот го поттикнал да излезе од својата зона на комфор и да истражува нови начини на раскажување приказни.
- Фотографиите од секојдневниот живот и портретите меѓу најтешките категории -
Меѓу десетте категории на натпреварот, тој нагласи дека фотографиите од секојдневниот живот и портретите се особено тешки за оценување.
„Фотографиите од секојдневниот живот секогаш се предизвикувачки бидејќи тоа се моменти што често престануваме да ги забележуваме“, рече тој.
Тој ја истакна и тежината на фотографија од категоријата портрет, каде што е потребно да се раскаже цела приказна преку една слика.
- Уредувањето клучно за силни фотографии во серии -
Мухамед Мухејсен ја нагласи важноста на уредувањето на фотографиите во серии.
„Многу е важно како сакате да ја раскажете приказната“, рече тој, предупредувајќи дека понекогаш една фотографија може да го расипе целиот проект.
Тој ги советуваше фотографите да бараат мислење од колеги.
„Секогаш барајте помош од други колеги. Уште еден 'пар очи' помага“, рече тој.
Toj додаде дека емоцијата останува клучен фактор при изборот на силни фотографии.
„Ако не почувствувам емоција, фотографот не успеал да ја пренесе приказната“, рече Мухејсен.
Тој истакна дека добрата фотографија ги привлекува гледачите и ги поттикнува на подлабоко разбирање на приказната.
- Натпреварот ги зајакнува фотографите и гради кариери -
Мухејсен го нагласи и поширокото значење на натпреварите како „Istanbul Photo Awards“ за кариерите на фотографите.
„Кога фотограф ќе победи на ваков престижен натпревар, тоа му отвора врати“, рече тој, додавајќи дека наградите ја зголемуваат видливоста и обезбедуваат финансиска поддршка за идни проекти.
Тој нагласи дека вакви натпревари се важни и за фотографите што се почетници бидејќи им помагаат да ја научат етиката и да ги развијат своите вештини на раскажување приказна.
- Една од најдобрите платформи за оценување -
Мухејсен го пофали и дигиталниот систем за оценување развиен од тимот на Анадолу, велејќи дека тој систем е еден од најдобрите што ги користел.
„Беше брз, едноставен и прегледен“, рече тој, додавајќи дека платформата овозможува повторно прегледување на фотографиите и гарантира дека ниедна пријава нема да биде занемарена.
Тој ја истакна и организацијата на натпреварот, додавајќи дека добил увид во работата на луѓето што стојат зад него.
Мухејсен заклучи дека „Istanbul Photo Awards“ не само што препознава извонредност туку и обезбедува платформа за учење, инспирација и глобално раскажување приказни.
„Инспиративно е, буди емоции и дава сила“, заклучи тој, додавајќи дека дури и како член на жирито, „учите од победниците“.
Од основањето „Istanbul Photo Awards“ прерасна во платформа што вклучува повеќе од 21.000 учесници, придонесувајќи за фотографијата не само преку награди туку и преку изложби и фотоалбуми со победничките дела.
Повеќе информации за наградените фотографии и членовите на жирито на годинашниот натпревар, организиран со комуникациска поддршка од „Турксел“, може да се најдат на официјалната страница istanbulphotoawards.com.