Dzihat Aliju
24 Септември 2016•Ажурирај: 25 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) – ЏИХАД АЛИУ – Расте амбициозноста во активностите на Турскиот културен центар, Институтот „Јунус Емре", кој откако се формираше во Скопје, од 2010 година па наваму, го запознава и го спојува македонскиот народ со турскиот јазик, турската историја, култура, литература и уметност.
Заменик-директорот на Институтот „Јунус Емре" во Скопје, Фуат Коркмаз, во разговор за Anadolu Agency (АА) изјави дека институцијата има 14 вработени кои вршат дејност особено во областа на изучување на турскиот јазик, култура и уметност. Нагласувајќи дека, како и секоја година, така и оваа, има сѐ повеќе заинтересираност за изучување на турскиот јазик, Коркмаз рече: „Започнавме со уписите, тие ќе траат во периодот од 15 – 26 септември. Можам да кажам дека за разлика од минатата година, оваа година има повеќе кандидати. Има многу апликации. Нашиот персонал работи на тоа сите апликации да бидат примени“.
Коркмаз објаснува дека освен изучувањето на турскиот јазик, Институтот се занимава и со активности од полето на културата и уметноста, литературата, театарот, музиката и други области, и наведе неколку активности коишто Институтот ги организира во текот на годината, како што се: разговори во библиотека, читање турски приказни, особено за децата од основно училиште низ селата во Македонија, како и организирање настани што ги зближуваат интелектуалците од државата. Коркмаз додаде дека продолжуваат подготовките за календарската 2017 година и дека, како институт, ќе продолжат со активностите, не само во главниот град Скопје, туку и во сите други градови низ Македонија.
- Во последните 6 години, околу илјада лица учеле турски јазик -
Махмут Ајар, кој е еден од учителите по турски јазик во Институтот, рече дека досега околу илјада курсисти го учеле турскиот јазик кај нив.
Потенцирајќи дека минатата година, во Институтот, турскиот јазик го учеле околу 550 луѓе, Ајар рече дека курсевите се составени од 5 нивоа, а се изучуваат во 3 фази.
Ајар нагласи дека, освен курсевите по турски јазик во Институтот, тие развиваат активности и комуникации со повеќе институции во Македонија. Курсеви по турски јазик се одржуваат и во државните институции како што се Министерството за надворешни работи, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за администрација, информатичко општество и други институции, како и во турските институции што се наоѓаат во државата.
Ајар објасни дека за курсевите по турски јазик се користат со книги што ги подготвуваат експерти од Институтот.
„Покрај ова, се користиме и со технологијата. Книгата на Једииклим истовремено има и дигитална верзија, ’Z – книга’, која ја користиме на предавањата, и таа овозможува побрзо совладување на турскиот јазик. Покрај ова, сакам да напоменам дека секое ниво на курсот трае по 144 часа. Курсевите се одржуваат во нашиот центар, во 4 училници. Со вкупно шест учители сме подготвени да ги учиме младите и заинтересираните во Македонија. Оваа година навистина имаме премногу апликации. Со нашиот стручен кадар, ќе одговориме на потребите, како што тоа го правевме во изминатите 6 години“.
Скопјанецот Мухамед Ибрахими, кој дојде да се запише на курсот, рече дека ова ќе му биде четврта година како го изучува турскиот јазик во Институтот „Јунус Емре“. Ибрахими ни ја кажа причината поради која го изучува турскиот јазик.
„Причината е културолошка. Одлучив да го учам турскиот јазик бидејќи како народ и општество имаме добри односи со Турција. За мене претставува особена радост да го научам турскиот јазик. Се надевам дека ќе стигнам до последното ниво и дека ќе бидам успешен“.