Besar Ademi
04 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Од вечерва до 18 април оваа година, во салонот за изложби при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ќе биде отворена изложба на делата на албанскиот сликар од Македонија со светска кариера, Омер Калеши, кои ќе останат во трајна сопственост во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Уметникот Омер Калеши, моментално централна фигура на европското и источното сликарство, со ретките дела во светското сликарство изработени со техникатата „масло на платно", стана познат како сликар на брилијантиот опус на циклусот на главите. Тој е автор на циклусот од петстотини сликани глави, а неговите изложби беа промовирани на престижни париски институции, како и во многу други градови низ светот.
Претседателот на МАНУ, Таки Фити, во своето обраќање пред присутните истакна дека Калеши е роден од татко Албанец и мајка Македонка, со турска националност и статус на париски сликар.
„Тој обединува три балкански земји Македонија Албанија и Турција и трите ги смета за негова татковина, а Франција ја смета за негова уметничка татковина. Затоа велам дека по многу нешта тој навистина е посебен. Неговата главна порака и како човек и како личност и пораката содржана во неговите дела е дека треба да се раскине со предрасудите и разликувањето на луѓето според религија,според етничка и национална припадност", рече Фити.
Фити понатаму додаде дека Калеши има нешто многу вредно и тоа е неговата семејна мешавина, која покажува дека, како што рече, на Балканот сè се меша.
„На Балканот му е потребен дух на космополитизам. Треба заедно да живееме во слога и да се почитуваме, да бидеме меѓу себе толерантни и да се разбираме“, изјави Фити.
Сликарот Омер Калеши им се обрати на присутните на отворањето на изложбата во неколку балкански јазици, повикувајќи на толеранција, разбирање и соживот.
По завршувањето на изложбата во салонот за изложби во МАНУ, избраните дела на Омер Калеши ќе бидат подарени на Универзитетот „Мајка Тереза“.
Инаку, на отворањето на неговата изложба во Скопје, присуствуваа голем број гости од земјава и странство, вклучувајќи ја и турската амбасадорка во Скопје, Тулин Еркал Кара, државниот секретар во Министерството за култура на Република Македонија, Бехиџудин Шехаби, како и други претставници ма институции и културни здруженија во земјата.
- Кој е Омер Калеши?
Омер Калеши е роден во селото Сербица во Кичево во 1932 година. Средното техничко училиште го заврши во Скопје, а во 1956 година емигрираше во Турција, каде ги заврши студиите на Академијата на уметностите во Истанбул.
По завршување на високите студии на Академијата на уметностите во Истанбул, Калеши се пресели во Париз, каде што моментално живее и работи. Тој има голем број изложби во Македонија и во светот.
Калеши е награден и со претседателски медали за заслуги на Република Македонија и Република Косово.