Ekipa
02 Февруари 2017•Ажурирај: 02 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека на Германија ѝ се потребни докази за да заземе став и да донесе одлуки во врска со барањата на Турција за испорачување на пребегнатите пучисти од редот на терористичката организација ФЕТО и додаде дека тие барања ги анализираат германските судови, а дека министрите за правда на двете земји ќе ги продолжат состаноците по тоа прашање, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес во Анкара ја прими канцеларката Меркел и пошироката делегација на германската Влада, а на прес-конференцијата Меркел истакна дека билатералните односи на двете земји се добри, но дека можат да бидат и подобри.
Борбата против тероризмот и структурата на ФЕТО беше една од темите на разговорите, а Меркел изјави дека одговорните за обидот за пуч треба да бидат казнети, но дека тој процес мора да се води на начин така што да се утврдат и одредени одговорности во согласност со правните норми.
Меркел истакна дека јавноста била сведок на тоа како народот на Турција застанал во одбрана на демократијата, и дека моментално е важно да се почитува слободата на говорот и слободата на медиумското дејствување.
Таа изјави дека билатералните економски односи, борбата против радикализмот и тероризмот, вклучувајќи ги и ПКК, се уште некои од важните теми за кои се разговарало, а додаде дека за таа борба е потребна заедничка соработка.
„Зборувавме и за големите загуби што Турција ги претрпе во новогодишниот напад во Истанбул и во другите терористички напади. Тоа е закана за сите нас. Дадовме збор дека во борбата против тоа зло ќе соработуваме поблиску“, изјави Меркел.
И регионалните прашања, како кризата во Сирија и во Ирак, беа теми на разговорот денес во Анкара, а Меркел изјави дека Турција е исклучително важна за Германија и за цела Европа кога станува збор за решавањето на бегалската криза. Таа ги пофали турските напори во процесот на интеграција на бегалците.
„ЕУ во краток рок треба да ја пушти финансиската помош што ја вети. Досега се дадени 2,2 милиони евра. Секако дека рековме оти тие пари мораат да одат на конкретни проекти. Рековме и дека на меѓународно ниво мора да се преземе одговорност за сириската криза. Желба ни е да се придвижат политичките преговори според моделот на оние во Женева, за трагедиите во Алепо да не се повторат. Договорот меѓу ЕУ и Турција донесе добри резултати за двете страни“, изјави Меркел.
Меркел нагласи дека проблемите во модерниот свет не можат да се решаваат самостојно, му се заблагодари на Ердоган за приемот во Анкара и изјави дека е најважно дијалогот и соработката да продолжат.
На прашањето на новинар да ги коментира своите претходни изјави за наводната загриженост дека процесот за уставните реформи и референдумот во Турција би можеле да предизвикаат турбуленции на силите, Меркел изјави дека тогаш кажала оти толку радикалните системски промени секако предизвикуваат широки дискусии и дека е потребно да се обезбеди стабилност на општеството и на поредокот.
„Реков дека е добро референдумот да го набљудува и Европската организација за соработка и безбедност (ОБСЕ). Го реков и тоа дека е важно и со политичкиот систем да се бранат демократската вредност што турскиот народ ја одбрани за време на јулскиот обид за државен удар. Опозицијата е важна за секоја демократија. Ние во демократските земји постојано се соочуваме со тоа“, изјави Меркел.