Mümin Altaş
28 Јануари 2018•Ажурирај: 28 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Заменик премиерот и порптаролот на владата на Република Турција, Бекир Боздаг, изјави дека активностите на САД на терен во Сирија не се во согласност со ветувањата кои официјален Вашингтон ги даде на Анкара, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ветувањата кои ги добивме од американската администрација не одговараат на нивните дела на терен. Сите потези на САД во Сирија се во спротивност со она што ни го ветија“, изјави Боздаг коментирајќи го ветувањето на САД за ставање крај на вооружувањето на терористичката организација ПЈД/ПКК во Сирија.
Тој за турската телевизија Канал 7 исто така изјави дека Турција понатаму ќе го следи однесувањето на САД на терен и дека нема да се потпира само на изјавите од Вашингтон.
Осврнувајќи се и на актуелната операција „Маслинова гранка“, која турските сили ја спроведуваат со цел неутрализирање на терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ во сириското погранично подрачје на Африн, тој порача:
„Целта на операцијата е елиминирање на терористите и воспоставување на безбедноста во тој регион. Операцијата се спроведува со почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и целовитоста на Сирија и така ќе биде и понатаму“.
Боздаг додаде дека по Африн турските сили ќе ја продолжат операцијата со цел неутрализација на терористите на ПЈД/ПКК и во сирискиот град Мунбич и пограничните подрачја источно од реката Еуфрат.
„Турција на границата нема да дозволи присуство на терористи кои се закана за нејзината безбедност и за граѓаните. Нема да дозволиме ништо што би водело кон воспоставување на некои терористички парадржавни или воени структури на ПКК во регионот“, заклучи Боздаг.
Операцијата во Африн е започната во рамките на правото на Турција коешто е засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно на Правото за самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, во јули 2012 година, без борба им ја препуштија контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Африн стана еден од главните центри на таа терористичка организација. Терористите на ПЈД/ПКК моментално под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат меѓу 8 000 и 10 000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и ЕУ. ПКК уште од средината на 1980-тите години спроведува терористичка кампања против Турција.