Zülfiya Yakup
01 Септември 2018•Ажурирај: 03 Септември 2018
ПРИШТИНА (AA) - Дамир Мулаомеровиќ оваа недела ја презеде должноста селектор на кошаркарската репрезентација на Косово и првите впечатоци му се многу добри. Во Косово дојде затоа што луѓето од Кошаркарскиот сојуз на Косово имаа голема желба да го ангажираат, а од друга страна затоа што смета дека тимот на Косово има перспектива.
Мулаомеровиќ косовската репрезентација ќе ја предводи на патот на квалификациите за Европското првенство во 2021 година. Во втората рунда од претквалификациите Косово ќе игра против Македонија и Романија.
Тој во разговор за Anadolu Agency (AA) вели дека иако во секоја земја, од националниот тим се очекува најмногу, реалноста е она што се покажува на теренот. Истакнува дека Косово во оваа група не е фаворит, но не е ниту аутсајдер.
„Моите очекувања се да се обидеме да бидеме први, секако, но тоа е тешко и неблагодарно да се прогнозира. Мислам дека играме против добри екипи и ништо не можеме да кажеме со сигурност. Ќе се обидеме, ќе се трудиме, ќе го правиме она што најдобро го знаеме да бидеме први. Јас не сум тренер кој нешто ветува. Многу е неблагодарно да се ветува што било, но сигурно ветувам добра работа, добра енергија. Како тренер сум доста емотивен, така што од таа страна, сигурно ќе биде интересно“, вели Мулаомеровиќ.
- Малку клубови во Евролигата
Според неговото мислење, на просторите на балканскиот регион се игра добра кошарка, но тоа не е како што било некогаш.
„Репрезентацијата на Босна и Херцеговина, а и јас бев дел од тоа, состави млада и талентирана селекција. Хрватска сега има најголем број играчи на НБА. И Србија има доста играчи на НБА, но и доста добра база, така што во целиот регион се игра доста добра кошарка. Жал ми е што нема повеќе клубови кои учествуваат во Евролигата, која денес е врв на европската кошарка. Тоа можеби е хендикеп, бидејќи само пред неколку години имаше доста екипи кои играа во Евролигата“, вели Мулаомеровиќ.
Пред доаѓањето на чело на косовската репрезентација, Дамир Мулаомеровиќ како тренер го водеше клубот Слобода од Тузла, потоа Цибона од Загреб, а во 2016 година беше селектор и на Босна и Херцеговина.
Мулаомеровиќ наведува дека како селектор на БиХ стекнал големо тренерско искуство.
„Тука влегов со отворено срце, и на крајот на краиштата, задоволен сум што двапати ја победивме Шведска. Пред нас ја имавме Русија, која беше четврта на Европското првенство, така што имаше тука многу нешта. Имаше и медиумска хајка и сето она што се случуваше, меѓутоа, мене ми претставуваше чест и задоволство што ја водев БиХ, тоа е државата во која сум роден“, вели тој.
- Спортот и прекинатите врски -
Дамир Мулаомеровиќ смета и дека спортот е круцијален во смисла на воспоставување на прекинатите врски на просторите на поранешна Југославија, и дека секоја држава која вложува во спортот, прави добро за своите деца.
„Од тој аспект, мислам дека спортот е најмеродавен и најдобар за тие конекции да се воспостават повторно и да се воспостават добри пријателски односи. Тоа е некое мое мислење, бидејќи преку спортот доживеав многу убави моменти. Би сакал некои нови генерации да доживеат такви емоции, како што доживеав јас. Доколку треба да биде некој повик, тогаш, тоа нека биде спортот“, заклучува Мулаомеровиќ.