Burcu Çalık
01 Јануари 2019•Ажурирај: 02 Јануари 2019
АНКАРА (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави дка Турција ги уништила и ги уништува сите терористички организации кои ќе ѝ се најдат на патот на изградбата на мирот и просперитетот, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган на програмата на претставување на кандидатите на Партијата на правдата и развојот (АК Партија) за позицијата градоначалник на Анкара, рече дека заедно со младите ќе изгради уште понапредна Турција.
„Наша цел за идниот период е да се зголеми квалитетот на образованието и да се оформи образовно-воспитен систем кој ќе ги исполни срцата на нашите деца“, рече Ердоган.
Тој се осврна на успесите на АК Партијата во секторот на спортот, потсетувајќи дека е завршена изградбата на 16 од 37 стадиони во 34 градови и дека во тек се процесите на изградба, проектирање и тендерска процедура за останатите.
Говореше и за здравството, истакнувајќи дека една од областите во кои во Турција се извршени најголемите реформи е токму здравството. Потсети и дека бројот на креветите во болниците е зголемен на 240.000, медицинскиот персонал на 762.000, односно 1.025.000, вклучувајќи го и приватниот сектор.
Додаде дека здравствените установи добиле најмодерна опрема што го зголемила квалитетот на пружање на здравствените услуги.
„Наскоро ја отвораме и градската болница „Билкент“ во Анкара. Градската болница во Анкара има капацитет од 3.300 кревети. Отвораме една таква огромна болница. Тоа го може само АК Партија, ако кој било тоа го направи, ќе го направи АК Партијата“, рече Ердоган.
Се осврна и на правосудниот систем, истакнувајќи дека станува збор за институциите на кои пучистите и сличните на нив им нанеле најголема штета.
„Реализиравме многу реформи за да ја зголемиме довербата на нашиот народ во правосудниот систем и на нашите граѓани да им пружиме најдобар систем“, рече Ердоган.
Потсети дека е зголемен бројот на вработените во правосудните институции и дека со модернизацијата на мрежите е забрзан процесот на завршување на предметите.
Говореше и за безбедноста, додавајќи дека таа е еден од главните приоритети.
Рече дека најуспешната борба на Турција против терористичките организации, криминалните групи, криумчарите со дрога и против сите оние кои ја нарушуваат безбедноста, остварена е токму во мандатот на АК Партијата.
„Нашиот народ навистина живее во мир. Ги згазивме и ги газиме сите организации кои мрачните сили ги создадоа, кои зајакнаа и тргнаа кон нас, вклучувајќи ги ПКК, ПЈД, ДЕАШ и ФЕТО. Не ги оставаме на мира ниту групите на организираниот криминал“, порача Ердоган.
Претседателот на Република Турција, Ердоган, говореше и за успесите остварени во секторот на комуникациите и инфраструктурата. Во оваа пригода се осврна и на бројните мегапроекти меѓу кои се патишта, железници, аеродроми...
Според неговите зборови, брзите возови ги поврзуваат Анкара, Истанбул, Коња и Ескишехир, а во наредните неколку години планирани се слични проекти и во Бурса, Јозгат, Сивас, Ерзинџан, Караман, Кајсери, Мерсин, Османије и Газиантеп.
Потсети и дека бројот на аеродромите е зголемен на 56 и дека во тек се работите на аеродромите во Гумушхане, Бајбурт, Јозгат, Токат, Ризе, Артвин...
Ердоган укажа и на фактот за зголемениот број широкотрупни авиони и на новите дестинации кои ја поврзуваат Турција со другите земји.
Исто така, зголемени се и товарните капацитети на пристаништата.