Enes Kaplan
21 Јуни 2021•Ажурирај: 22 Јуни 2021
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, претседава со седницата на Кабинетот што се одржува во Претседателската палата во Анкара, јавува Агенција Анадолија (АА).
Седницата на Кабинетот започна во 15:30 часот по локално време, а претходно беше соопштено дека на дневен ред ќе биде борбата против пандемијата на Ковид-19 и низа актуелни теми.
Министерот за здравство на Република Турција, Фахретин Коџа, ќе презентира информации за процесот на вакцинација, за епидемиолошката состојба, како и за проектот за развој на турската вакцина против коронавирусот.
Кабинетот ќе разговара за актуелните мерки за борба против пандемијата и за процесот на нормализирање на состојбата, вклучително и за ограничувањата на движењето во текот на ноќните часови и неделите.
Се очекува да стане збор и за туристичката сезона, првенствено во сенка на очекуваното воспоставување авионски линии од Русија. Ресорниот министер за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, ќе ја претстави ситуацијата во туристичкиот сектор.
Кабинетот на Турција ќе расправа и за актуелните надворешнополитички прашања, а министерот за одбрана, Хулуси Акар, ќе поднесе извештај за антитерористичките операции извршени од турските сили внатре и надвор од границите на земјата.
На седницата ќе биде анализирано и учеството на турскиот претседател Ердоган на самитот на лидерите на НАТО, неговата посета на Азербејџан, како и организацијата на самитот на лидерите на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и Дипломатскиот форум во Анталија.