Zehra Aydın
13 Септември 2017•Ажурирај: 14 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција и нејзиниот народ ги очекува тежок период во кој, според сите случувања во регионот и на глобално ниво, мора да биде посилна и цврсто да стои на нозе, јавува Anadolu Agency (AA).
На средбата со челниците на локалната власт од редот на владејачката Партија на правдата и развојот (AK Parti), претседателот на таа политичка опција и претседател на Турција, Ердоган рече дека од локалните власти не очекува да му подигнуваат споменици, туку да му служат на народот кој им ја дал довербата да ја водат државата кон прогрес.
Истакнувајќи дека Партијата АК не е само политичка партија, туку симбол на еден развој на просперитетот во Турција, Ердоган рече дека сите кои се вклучени во овој процес мора уште повеќе да работат со цел на парламентарните избори во 2019 година да освојат надполовично мнозинство гласови и да се спроведат најавените реформи.
„Успехот на АК партијата е исто така и успех на народот на Турција. Во случај на наш неуспех, верувајте ми дека најмал проблем би било тоа што АК Партијата ја изгубила власта. Неуспехот на АК Партијата би значел пропуштање на многу големи можности за Турција и губење на она што е веќе постигнато. Ние минуваме низ период во кој се испреплетува судбината на нашата партија и државата. Не заборавајте, победата на АК Партијата е победа на Турција, а победата на Турција е победа за АК Партија. Затоа мораме да се грижиме за целиот наш народ“, порача Ердоган.
Обвинувајќи ја турската опозиција дека сѐ почесто е во редовите со терористите и со непријателите на Турција, Ердоган рече дека последниот пример на таа практика на обвинувања од страна на опозицијата е дека турските безбедносни сили за време на антитерористичките операции го загрозувале и цивилното население.
„Операциите кои ги изведуваат турските сили против тероризмот сите ги следат со љубомора и ни честитаат за вниманието во однос на заштитата на цивилите. Чудно е што некои кругови сакаат да ја заматат водата којашто е чиста. Турција посветува големо внимание на заштитата на цивилите не само во операциите во рамките на своите граници, туку и надвор од нејзините граници. Во овој контекст, нашите безбедносни сили биле соочени со многу искушенија и положиле голем број загинати херои, но ние никогаш не сме отстапиле од заштитата на цивилите“, рече Ердоган.
Укажувајќи на големиот успех на антитерористичките операции во Турција, Ердоган рече дека поради тоа терористите и нивните поддржувачи имаат право да се лутат, но дека на тоа нема право ниту еден политичар, особено не парламентарните претставници.
„Нашиот народ на избирачките кутии ќе им одржи соодветна лекција на оние кои сакаат да ѝ напакостат и да ја загрозат нашата борба против тероризмот“, порача Ердоган.