РАМАЛА (АА) - Седумнаесетгодишната храбра Палестинка Ахед ал Тамими, која утрово беше пуштена на слобода од страна на израелската админстрација, истакна дека палестинскиот народ ќе продолжи со отпорот сè додека не заврши израелската окупација, јавува Anadolu Agency (AA).
Тамими, добитничка на наградата за храброст „Ханзала“, утринава беше ослободена од воениот затвор каде што заедно со нејзината мајка беа држени од израелските власти, а по излегувањето од затворот даде изјава за медиумите во подрачјето на Неби Салих, во градот Рамала, на окупираниот Западен Брег.
„Палестинскиот народ ќе продолжи со отпорот сè додека не заврши окупацијата“, рече таа во изјава за медиумите.
Храбрата Палестинка Тамими истакна дека верува оти израелската окупација ќе заврши и дека приведувањата нема да влијаат врз нивната упорност. Таа нагласи дека моралот на Палестинките кои се наоѓаат во израелските затвори е на високо ниво.
Тамими рече дека донела пораки од овие затворени Палестинки, и дека вечер ќе даде изјава околу ова прашање. Таа упати благодарност до тие што му дале поддршка на нејзиното семејство и на неа за време на затворот.
- Палестинскиот претседател Абас: „Тамими е симбол на палестинскиот отпор“ -
Претседателот на Палестина, Махмуд Абас, истакна дека Ахед ал Тамими, е симбол на отпорот и на независната палестинска држава.

Според веста на официјалната новинска агенција на Палестина, WAFA, Абас во својот Претседателски кабинет во Рамала ги прими на средба Тамими и нејзината мајка, Нериман.
„Мировниот народен отпор е најдоброто оружје да се спротивстави на арогантноста на окупаторите, и да му се покаже на светот варваризмот на овие окупатори“, нагласи Абас.
„Ахед ал Тамими е симбол на палестинскиот отпор“, рече Абас, истакнувајќи дека мировниот народен отпор што го покажаа жителите на подрачјето на Неби Салих и целиот палестински народ е доказ дека палестинскиот народ ќе остане врзан за своите територии.
Тамими и нејзината мајка, кои утринава беа пуштени на слобода, пред средбата со Абас, положија цвеќе на гробот на поранешниот претседател на Палестина, Јасер Арафат.
Тамими изјави дека нејзината среќа е нецелосна бидејќи во израелските затвори сè уште се наоѓаат палестински жени.
Таа на 21 март оваа година доби затворска казна од 8 месеци, а утринава беше пуштена на слобода заедно со нејзината мајка. Тамими по ослободувањето рече дека палестинскиот народ ќе продолжи со отпорот сè додека не заврши израелската окупација.
Потсетуваме, Ахед ал Тамими на 19 декември минатата година беше приведена по рацијата извршена од страна на израелските војници во нејзината куќа во Рамала, каде што живее заедно со нејзиното семејство, додека нејзината мајка Нериман беше приведена од страна на израелските војници откако отишла да добие информации за нејзината ќерка во Центарот за приведувања во источниот дел на Рамала.
Тамими беше обвинета за „напад“ врз израелски војник откако беше објавено видео каде што е прикажано како таа му удира шлаканица на еден израелски војник, кој присилно влезе во дворот на нивната куќа во подрачјето на Неби Салих во Рамала, на Западниот Брег.
news_share_descriptionsubscription_contact
