БЕЛГРАД (АА) - Премиерот на Албанија, Еди Рама, денес изјави дека рударско-металуршкиот комбинат „Трепча“ им припаѓа на сите граѓани на Косово, како на Албанците, така и на Србите, како и дека целта на Србија и Албанија треба да биде двата народа да бидат среќни, јавува Anadolu Agency (АА).
На Белградскиот форум за безбедност, кој започна вчера, за време на панел-дискусијата за српско-албанските односи и стабилноста на југоисточна Европа, Рама изјави дека Трепча е рудник во душата на Косово.
„Во Косово треба да сфатат дека Трепча е душата на Косово и дека припаѓа на сите што живеат во Косово – и на Албанците и на Србите“, изјави Рама.
Тој оцени дека Косово е тема за која Албанија и Србија не се согласни, и смета дека за доброто на сите е колку што е можно побрзо, Србија да ја признае независноста на Косово.
Премиерот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Косово направило „најлошо за економијата на Трепча со усвојување на Законот за Трепча, од кој 80 отсто сопственост има Владата на Косово“, и додаде нека не разбира зошто е тоа сторено.
„Најдете еден Србин кој е согласен со она што го направија“, изјави Вучиќ.

Тој повтори дека Србија ќе го продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина и дека е потребно да се најдат компромиси.
За односите меѓу Албанија и Србија, Вучиќ изјави дека Србија сака подобри односи и со Албанците и со Босанците, бидејќи само заеднички, земјите во регионот можат да напредуваат.
„Уште еднаш нагласувам дека нашиот стратешки пат е патот кон Европската Унија, и тоа што сега го реков, им го велам на сите во Брисел и во Вашингтон. Можеби тоа не ви се допаѓа, но тоа е политиката што ја водам. Сепак, ние ќе одржуваме цврсти врски и со Русија“, рече српскиот премиер, Александар Вучиќ.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, на тоа одговори дека Албанија го нема тој вид на дилема, туку нејзината единствена љубов е кон Западот, а дека патот кон Европската Унија е начин земјите во регионот да „расчистат со лошото минато“.
Тој изјави дека сите на Балканот мораат да сфатат дека процесот на евроинтеграции е пат кон модернизација и дека тој процес е поважен од самото членство.
За мигрантската криза, премиерот на Албанија изјави дека иако таа земја не е дел од балканската рута, подготвена е да го подели товарот со земјите што се дел од рутата. Рама го пофали односот на Србија кон мигрантите, оценувајќи дека Србија се однесувала подобро кон нив отколку некои членки на ЕУ, кои не сакаше да ги именува.
Вучиќ наведе дека Србија ќе даде сѐ од себе и дека и понатаму покажува солидарност кон мигрантите, иако од Србија има сѐ помалку мигранти.
„Ние добро се справуваме со тоа, и така ќе продолжиме“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека се плаши од нередот во ЕУ откако германската канцеларка Ангела Меркел ќе отиде, бидејќи таа вложила многу труд на Балканот.
„Без Ангела Меркел на Балканот, којзнае што ќе се случи. Многумина забораваат што стори таа, но јас никогаш нема да заборавам“, изјави Вучиќ.
Тридневниот Белградски форум за безбедност, шестти по ред, започна вчера, на 12 октомври, и трае до петок, 14 октомври.
На собирот учествуваат повеќе од 100 говорници и 700 учесници, кои ќе дискутираат за 25 теми, меѓу кои се темата за новата Европска стратегија за безбедност, процесот за проширување на ЕУ, политичката стабилност и изградбата на институции во југоисточна Европа, дијалогот на Белград и Приштина, односот на Србија и НАТО, како и мигрантската криза.
Некои од темите се процесот на дигитализација, слободата на говорот и јакнењето на партнерството меѓу државата и цивилното општество, улогата на жените и промовирањето на политиката на мир.
Меѓу говорниците се експертите од Хрватска, Словенија, Украина, Германија, претставниците на Советот на Европа, Владата на Србија, универзитетски професори, организацијата на цивилното општество и други.