Трибината ја отвори постојаната координаторка на ОН и постојана претставничка на Програмата за развој на ОН (UNDP) во Македонија, Луиза Винтон, која пред присутните истакна дека во Македонија има промени во оваа сфера – има унапредување на правата на жените, унапредување на родовата рамноправност, а потсети дека и кон крајот на минатата година е ратификувана Истанбулската конвенција.
Осврнувајќи се на напредокот во зголемувањето на бројот на жените во воените сили, Винтон нагласи дека се очекува натамошен напредок во оваа фаза.
„Колку што знам, од 2012 година бројката е двојно зголемена и сега изнесува околу 9 проценти жени кои се офицери, и токму поради тоа треба да се честита во поглед на учеството на жените“, истакна Винтон.
Таа потенцираше дека мирот и безбедноста можат да бидат загарантирани само тогаш кога ќе има застапеност на жените во сите сегменти, и застапеност во преговорите, кога станува збор за резултатите од конфликтите.
Според министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, состојбата со бројот на жените во АРМ не е доволна добра, иаком како што истакна, таква е ситуацијата во скоро сите армии. Таа нагласи дека бројот на офицерки во АРМ се зголемува, но не доволно брзо, уверувајќи дека наскоро ќе има подобрување на ова поле.
Таа потенцираше дека при приемот на питомците оваа година во Воената акедамија повеќе од половината од кандидатите биле девојки, кои биле меѓу најдобро пласираните во однос на успехот, тестирањата и физичката подготвеност.
„Ако се откажете од 50 проценти од своето население, со образложение дека таму едноставно не треба да има амбиции, сте се откажале од потенцијално добри офицери, подофицери, војници. Анализите на НАТО во одреден дел од мисиите покажуваат дека има одредени предности, кои ги имаат жените, полесно можат да остварат контакт со локалното население, на пример со жените во некое авганистанско село“, посочи Шекеринска.
Потпретседателката на Собранието, Фросина Ташевска Ременски, пред присутните изрази надеж дека во блиска иднина ќе биде промовирана и првата жена генерал во Македонија, посочувајќи дека досега во Македонија е направен голем чекор напред, а се пробиени и многу бариери.
Зборувајќи за резолуцијата на ОН од 2000 година, со која се регулира учеството на жените во воените и безбедносните сили, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, нагласи дека овој документ во практика сè уште не го дава својот интензитет.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, истакна дека од проценката на состојбата на жените во едно општество може да се направи проекција за можноста од избувнување на конфликт, односно војна, истакнувајќи дека колку е поголема неинклузивноста или насилството врз жените, толку е поголем потенцијалот во една држава да се случи насилство.
Според организаторите, целта на трибината е да се подигне свеста за состојбата на жената во одбраната, со акцент на идните конкретни чекори и политики кои ќе се преземат во однос на предизвиците на жените професионалци во одбраната.
news_share_descriptionsubscription_contact
