ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, кој во Белата куќа го пречека претседателот на Палестина, Махмуд Абаз, истакна: „Мировен договор не може да се наметнува од страна на САД или пак од некоја друга земја. Израелците и Палестинците треба заедно да работат за мировниот договор. На крајот сакаме да видиме дека е потпишан мировен договор меѓу Израел и Палестина“, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп и Абаз одржаа заедничка прес-конференција по нивната средба во Белата куќа.
Трамп изјави дека сака да види оти Израел и Палестина добро се согласуваат и истакна дека со денешната средба се трудат да направат нов чекор кон мирот на Блискиот Исток, но, како што рече Трамп, мировниот процес ќе биде возможен преку директни средби меѓу двете земји.
- „Израел и Палестина треба заедно да работат за мирот“ -
Трамп истакна дека САД се подготвени да дадат придонес кон мировниот процес. „Но, еден мировен договор не може да се наметнува од страна на САД или пак од некоја друга земја. Израелците и Палестинците треба заедно да работат за мировниот договор. Еден ден јас повторно сакам да го пречекам Абаз со цел да го потпише договорот што води кон мир со Израел и што ќе обезбеди значаен напредок кон мирот. На крајот сакаме да видиме дека е потпишан мировен договор меѓу Израел и Палестина“.
Трамп пренесе дека долго време одржувал чувствителни средби со повеќе страни во врска со мирот на Блискиот Исток, и посака овие напори да дадат добри резултати.
Исто така, тој нагласи дека САД се подготвени да направат економска експанзија што ќе го открие потенцијалот кој го поседува палестинскиот народ.
- „Треба да прекине израелската окупација“ -
Од друга страна, Махмуд Абаз изјави дека верува оти сѐ уште постои шанса за мир на Блискиот Исток, но, како што истакна тој, потребно е да се преземат неколку чекори во врска со тоа.
„Време е Израел да прекине со окупирањето на нашата територија. Нашиот стратешки избор е да се постигне мировен договор врз основа на дводржавно решение во рамките на границите од 1967 година“, нагласи Абаз, истакнувајќи дека Израел треба да ја признае Палестина, и Палестина да го признае Израел.
Абаз нагласи дека тие како палестински народ посакуваат да имаат право за определување на нивната слобода, чест и иднина. Како што рече тој, Палестинците веруваат дека Трамп е одлучен за мир на Блискиот Исток. Абаз истакна дека во светот нема многу народи кои се под окупација како палестинскиот народ, и ја посочи важноста да се преземат потребните чекори за постигнување решение во врска со палестинските бегалци, како и притвореници.
Абаз истакна дека доколку се постигне мировен договор, благодарение на тоа ќе се отвори патот кон нормализација на односите меѓу другите исламски држави и Израел.
Двајцата лидери пред средбата се фотографираа во Овалната соба, каде што Трамп истакнал дека верува оти може да се постигне мировен договор меѓу Израел и Палестина.
news_share_descriptionsubscription_contact
