Nazlı Yüzbaşıoğlu
29 Август 2016•Ажурирај: 30 Август 2016
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, денес во Анкара изјави дека терористичката организација ЈПГ во Сирија ќе биде воена цел доколку итно не ги повлече своите сили источно од реката Еуфрат, јавува Anadolu Agency (AA).
„ЈПГ, како што соопштија самите и како што вети САД, треба што побрзо да преминат источно од Еуфрат. Доколку не преминат, стануваат воена цел”, изјави Чавушоглу говорејќи за воената офанзива „Штитот на Еуфрат”, против терористите во северниот дел на Сирија, којашто ја спроведуваат турските сили со поддршка на меѓународната коалиција.
Покрај терористичката организација ДАЕШ на северниот дел на Сирија дејствува и ЈПГ, огранок на терористичката организација ПКК.
Зборувајќи за воените акции во северниот дел на Сирија, Чавушоглу на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи на Холандија, Берт Коендерс, изјави дека цел на воената офанзива е да го исчисти тоа подрачје од терористичката организација ДАЕШ.
„Како што можете да видите, терористичката организација ДАЕШ ги напушта местата кои ги контролираше и бега”, изјави Чавушоглу.
Потсетувајќи дека Турција со години предупредуваше дека ДАЕШ не може да биде победен со воздушни напади, Чавушоглу рече дека „со ефикасни копнени офанзиви можеме да го исчистиме ДАЕШ од Ирак и од Сирија. Да соработуваа пет или шест земји на тој начин, терорсистичката организација ДАЕШ не би била ниту во Ирак ниту во Сирија, за тоа не беа потребни 65 земји, дури ни десет”.
Министерот за надворешни работи на Турција потсети и на етничко чистење кое во деловите на Сирија го спроведуваше терористичката организација ЈПГ.
„Во регионите каде се спроведуваат операциите живееа Арапи кои се прогонети, па сега учествуваат во акциите на ослободување на одредени региони. Луѓето кои се прогонети од своите огништа треба да се вратат таму и да живеат, но тоа не е цел на ЈПГ. ЈПГ, каде и да се појави, насила ги раселува неистомислениците, па дури и да се Курди. Етнички го чистат просторот во кој се наоѓаат. Незадоволни се и вознемирени со офанзивата на ДАЕШ, а самите велат дека се борат против ДАЕШ. Зошто се тогаш вознемирени ако ДАЕШ претставува заедничка цел? ЈПГ, како што самите соопштија и како што вети САД, треба што побрзо да преминат источно од Еуфрат. Доколку не преминат, станува воена цел. Луѓето коишто живеат на подрачјата каде што воено се делува не се никаква цел, и не треба да бидат вознемирени. Целта е да се расчисти регионот од терористите на ДАЕШ”, истакна Чавушоглу.