Uğur Çil
06 Јули 2017•Ажурирај: 07 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Република Турција соопшти дека земјата нема да ја почитува одлуката што Европскиот парламент ја усвои денес врз основа на неосновани тврдења, јавува Anadolu Agency (AA).
„Препораката на Европскиот парламент се темели на неосновани тврдења и завери, го деградира угледот на таа институција“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Република Турција.
На денешната седница на Европскиот парламент во францускиот град Стразбур, 477 пратеници гласаа за, а 64 беа против усвојувањето на нацрт-извештајот на Европската комисија за Турција. Меѓу останатото, во одобрениот нацрт се наоѓа и препораката за прекин на процесот за пристап на Турција во членството на ЕУ доколку земјата го имплементира пакетот уставни реформи во форма во којашто турските гласачи со мнозинство гласови го одобрија на референдумот одржан на 16 април.
Официјална Анкара порача дека одлуката што ЕП ја усвои, подготвена за да задоволи некои кругови, не придонесува за нејзината соработка со Брисел, а е далеку од објективен и непристрасен став.
Препораката којашто инаку нема обврзувачки карактер за ЕУ и за Турција, исто така повикува да се блокираат претпристапните преговори доколку дојде до суспензија на процесот за европска интеграција на Турција.
Турскиот министер за ЕУ, Омер Челик, претходно во текот на денешниот ден, пред средбата со еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека процесот за пристап на Турција во членството во ЕУ е ’рбетен столб на односите меѓу Анкара и Брисел.
Челик по усвојувањето на спорната препорака реагираше и на прес-конференција, и порача дека извештајот на Европската комисија за Турција е текст што го подготвиле одредени земји за да ги саботираат идните односи меѓу Анкара и Брисел.
„Поради тоа, Турција нема да го почитува, ниту ќе го признае тој извештај, токму каков што беше случајот и во претходните две години. По службениот прием, веднаш ќе го вратиме тој извештај без да го читаме и анализираме“, порача ресорниот министер Челик.