Hatice Şenses Kurukız,Mücahit Türetken
10 Октомври 2018•Ажурирај: 11 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неговата земја пред 10 или пред 15 години била видлива само во неколку региони од светот и во одредени области, а дека денес тоа е земја која има шеста најпроширена дипломатска мрежа на светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во истанбулскиот Конгресен центар „Lutfi Kirdar“ денес започна 2. Турско-африкански економски и бизнис-форум, а во воведното обраќање на учесниците турскиот претседател Ердоган нагласи дека Република Турција придава голема важност на соработката со африканскиот континент.
Тој изрази надеж дека Форумот ќе придонесе за јакнење на трговијата, инвестициите и солидарноста меѓу земјите учеснички.
Во изминатите 16 години, Турција, бројот на амбасадите во земјите на Африка, од 12 го зголеми на 41, а Ердоган најави дека овој тренд на ширење на дипломатската мрежа би можел да биде продолжен.
Тој додаде дека присуството во Африка и светот Турција го интензивирала и со посредство на институциите како ТИКА, Институтот „Јунус Емре“, Фондацијата „Маариф“, Anadolu Agency (AA), „Туркиш ерлајнс“ и други.
„Желба ни е односите да ги развиваме во заеднички интерес, како еднакви партнери и со заемно почитување. На тие темели ги градиме нашите односи со Африка од доаѓањето на власт. Ги береме плодовите на политиката на отворање кон Африка која ја започнавме во 2003 година“, изјави Ердоган.
Како претседател на Турција, Ердоган има посетено 21 африканска земја, а во Анкара во овој период прими лидери на 16 земји на тој континент.
Посебна важност во развојот на турско-африканските односи имаат двата самита на лидерите, одржани во 2008 година во Истанбул и во 2014 година во Малабо. Ердоган денес најави дека третиот самит на лидерите на Турција и африканските земји ќе биде одржан наредната година, повторно во Истанбул.