Enes Kaplan
29 Август 2016•Ажурирај: 29 Август 2016
ГАЗИАНТЕП (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на митингот за братство, единство и заедништво во Газиантеп изјави дека тероризмот ќе биде уништен во корен, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган на митингот говореше за смртната казна, терористичката организација ФЕТО, но исто така и за борбата против тероризмот. Тој во Газиантеп дојде да го изрази своето сочувство на семејствата на настраданите на 20 август, кога 14-годишно дете изврши напад во кој загинаа 54 лица, меѓу кои 34 деца, а повредени се 94 луѓе, 44 деца.
„Нападот беше дивјачки“, рече Ердоган, кој додаде дека оние кои ги користат децата да убиваат невини луѓе, деца, бебиња - ќе ја платат цената.
Луѓето кои се собраа на митингот извикуваа „сакаме смртна казна.“
„Мојот народ сака смртна казна, зарем не? Кој ќе донесе одлука во врска со тоа? Големото национално собрание на Турција. Во неа се вашите претставници. Ова ваше барање им го испратив и денес повторно им го праќам. Треба да се зборува за тоа, а потоа да се донесе одлука. Кога одлуката ќе дојде до мене, ќе го кажам своето мислење, ќе ја одобрам таа одлука", рече Ердоган.
Тој потсети дека во обидот за државен удар загинаа 241 лица.
„Оние кои убија толку многу наши граѓани, ќе шетаат или ќе бидат во затвор. Браќа, денеска во голем дел од светот сè уште постои смртна казна. Освен на територијата на Европа", додаде турскиот претседател Ердоган.
Тој рече дека нема да се толерираат активностите на ниту една терористичка организација во границите на Турција, ниту во близина на границите.
„Нашите акции против сепаратистичките организации ќе продолжат. Ќе придонесеме во напорите за чистење на ДАЕШ од Сирија и од Ирак. Затоа сме во Џарабулус. Доколку е потребно, нема да бегаме ниту од преземање на исти одговорности во други подрачја. Иста решителност имаме и кога станува збор за сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, ПЈД. Ние ќе продолжиме да се бориме сè додека не се искорени оваа терористичка организација", истакна Ердоган.
Тој на митингот говореше и за лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен.
„Им се обраќам на сите, во сите државни институции, ако ве има од оние кои одите зад шарлатанот од Пенсилванија, прекинете со тоа. Ако не сте престанале, му се обраќам на нашиот народ, ако ги знаете оние што го следат, пријавете ги во полиција и во обвинителствата, да го преземеме потребното", рече турскиот претседател, кој потсети дека во обидот за државен удар во Турција на 15 јули беа нападнати неколку институции, а беа повредени над 2.000 луѓе.