Sarp Özer
09 Октомври 2018•Ажурирај: 09 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Вооружените сили на Република Турција и Соединетите Американски Држави (САД) денес започнаа заедничка обука за патролирање во сирискиот регион Мунбич, која, исто така, заедно ќе ја спроведуваат, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, за АА изјави дека ставањето крај на присуството на терористичката организација ПЈД/ЈПГ/ПКК во Мунбич е основна цел на постигнатиот турско-американски договор за решавање на проблемот во таа северносириска покраина.
„Целта ни е да го заплениме тешкото вооружување од рацете на терористите, да ги отстраниме терористите на ПЈД/ЈПГ/ПКК од Мунбич, да воспоставиме безбедност и стабилност, да ја предадеме власта на локалните власти и да овозможиме што поскоро враќање на граѓаните во Мунбич“, изјави Акар.
Тој истакна дека целта е да се воспостави систем на локалните власти и да се спречи менувањето на демографската слика на тој регион.
„Трудот вложен во процесот поврзан со заедничките турско-американски патроли започна да дава резултати, без обѕир на доцнењето. Во согласност со договорот, турските и американските воени сили денес започнаа заеднички тренинзи во тој правец“, изјави Акар.
Истакнувајќи дека првиот контигент на американската војска во Газиантеп пристигнал на 2 октомври, Акар изјави дека заедничките патроли во Мунбич ќе започнат веднаш по обуката.
Тој, исто така, изјави дека Турција поседува извештаи за рововите и тунелите што терористите ги ископале како засолништа во Мунбич, и додаде дека на тоа се предупредени и американските сили.
„Терористичката организација мора да знае дека сама ќе биде погребана во рововите што ги копа, токму како што беше случај и порано“, изјави Акар.