Arif Hüdaverdi Yaman
09 Октомври 2018•Ажурирај: 10 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Презентирајќи го новиот пакет мерки за борба против инфлацијата, турскиот министер за трезор и финансии, Берат Албајрак, се заложи за сеопфатна борба против инфлацијата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Оваа програма за една сеопфатна борба против инфлацијата уште повеќе ќе ја зголеми довербата на инвеститорите“, истакна Албајрак.
Министерот нагласи дека во рамките на програмата нема да има зголемување на цените на електричната енергија и природниот гас до крајот на годината, и дека власта ќе понуди поддршка на бизнисите, со цел да ги спречат отпуштањата.
„Нашите банки ќе даваат попуст од 10 отсто за заеми со високи камати дадени по 1 август“, додаде Албајрак.
Тој објасни дека компаниите кои се дел од антиинфлациската програма ќе применуваат минимален попуст од 10 отсто на цените, до крајот на оваа година.
Министерот предупреди дека оние компании, пак, кои ќе се обидат да го зголемат профитот под сегашните околности, ќе предизвикаат поголеми загуби за краток рок.
Според статистичките податоци на надлежните институции, годишната инфлација во Турција во месец септември достигна 24,52 отсто, што претставува зголемување во однос на август, кога инфлацијата изнесуваше 17,90 отсто.
Во текот на изминатите пет години, годишната инфлација го забележа своето најниско ниво од 6,14 отсто во април 2013 година, додека највисокото ниво го бележи овој септември.
Како што беше најавено во новата економска програма на Турција, објавена минатиот месец, целната стапка на инфлацијата во земјата за оваа година е 20,8 отсто, за следната година целната стапка е 15,9 отсто, 9,8 отсто за 2020 година и 6,0 отсто за 2021 година.