МАРДИН (АА) - Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, во врска со провокациите врз базата во северниот дел на Ирак, истакна дека кога терористите виделе дека не можат да им се спротивстават на турските војници во северниот дел на Ирак, се обиделе да го испровоцираат невиното население, јавува Anadolu Agency (AA).
Акар денес оствари посета на турските сили во југоисточната област Мардин, при што беше придружуван од страна на началникот на Генералштабот на турската војска, генерал Јашар Ѓулер, и командантот на копнените сили, генерал Умит Дундар.
Акар во рамки на неговата посета се осврна на провокациите извршени врз базата Сури во северниот дел на Ирак.
„Овој настан е организиран од страна на терористите. Мешајќи се со народот, се обидоа да извршат акции против нашата полициска станица. Но нашиот персонал во таа станица со трпение и остроумност го управуваше процесот, и спречи да се случи настанот како што посакуваа терористите. Иако е нанесена штета на некои од нашите возила, нема загуба на животи. Терористите таму сакаат на некој начин да го испровоцираат локалното население против турските војници. Знаат дека ние немаме некои активности против локалното население, и за да го злоупотребат тоа наметнаа провокација, но не успеаја. Моментално ситуацијата е под целосна контрола“, рече Акар.
Акар информираше дека се преземени сите мерки за да не се повтори тоа.
„Кога терористите видоа дека не можат да им се спротивстават на турските војници во северниот дел на Ирак, се обидоа да го испровоцираат невиното население. Но тоа се бескорисни напори. Турските војници ги поразија овие провокации. Оние кои сакаа да ги нарушат односите меѓу турските војници и локалното население, уште еднаш доживеаја пораз. Нашите операции ќе продолжат без прекин. Ќе ги поразиме сите овие провокации и регионот ќе го исчистиме од терористите. Не само што ќе обезбедиме спокојство и безбедност за нашиот народ, исто така ќе обезбедиме вистинска безбедна средина во Ирак и Сирија, чиј територијален и политички интегритет го почитуваме“, додаде Акар.
Од друга страна, Акар укажа на успесите постигнати во рамки на операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“, и додаде дека турските војници вложуваат секаков напор за продолжување на примирјето и стабилноста во Идлиб.
Акар укажа на ветувањето на американските претставници дека откако ќе биде поразена ДЕАШ, терористичката организација ќе се повлече од Мунбич, и дека очекуваат тие да го исполнат нивното ветување.
„ЈПГ ќе биде поразена бидејќи таа не се разликува во ништо од ПКК. Ние не сакаме таму да има терористи“, нагласи Акар, додавајќи дека тие водат борба само против терористите.
„Нашата борба е против сите терористи, пред се ФЕТО, КЏК/ЈПГ/ПЈД и ДЕАШ. Целата светска јавност знае дека ние немаме ниту еден проблем со нашите арапски и курдски браќа. Тоа секојпат јасно го покажувавме. Нашите активности ќе ги продолжиме сѐ додека да се неутрализира и последниот терорист“, истакна министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар.