Gökhan Kurtaran
12 Март 2017•Ажурирај: 13 Март 2017
ЛОНДОН (АА) - Шефот на британската дипломатија, Борис Џонсон, изјави дека синоќешниот дипломатски скандал во Холандија е исклучително разочарувачки настан, бидејќи Холандија и Турција се две членки на НАТО и двајца големи пријатели на Велика Британија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјава за телевизијата ИТВ, министерот за надворешни работи на Велика Британија Џонсон го коментираше синоќешниот настан во Холандија и рече дека е неопходно Холандија и Турција наскоро да го решат несогласувањето.
„Мислам дека е многу тажно тоа што се случи. Двете земји се членки на НАТО и наши големи пријатели. Сега ме повика турскиот колега Мевлут Чавушоглу и јасно му реков дека не постои ништо што може да го спречи, ако сака да се дојде да руча со мене, но се разбира ние сакаме овие две земји да го решат проблемот што е можно побрзо“, изјави шефот на британската дипломатија Џонсон.
Холандските власти синоќа го спречија министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и министерката за семејство и социјална политика Фатма Бетул Сајан Kaја во нивната посета на дипломатските претставништва на Турција во земјата, и средба со турската заедница во Холандија.
Во придружба на полицијата министерката Каја е вратена во Германија, од каде што утрово се врати во Турција.
Министерството за надворешни работи на Турција го осуди чинот и побара од холандскиот амбасадор, кој во моментов е на одмор, на одредено време да не се враќа на должност во Анкара. Амбасадата и конзулатот на Кралството Холандија во Анкара се затворени од безбедносни причини.
Холандската полиција со употреба на сила ги растера насобраните граѓани кои протестираа против задржувањето на возилата на министерката Каја, но протестите на улиците во Ротердам продолжија.
Голем број граѓани се собраа пред дипломатските претставништва на Кралството Холандија во Анкара и Истанбул во знак на протест поради спречувањето на посетата на турските официјални лица на земјата.