Nilay Kar
27 Октомври 2018•Ажурирај: 27 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Започна четирилатералниот самит за Сирија во кој ќе се разговара пред се за ситуацијата во Идлиб по договорот од Сочи, општите настани на терен, како и процесот на политичко решение, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, е домаќин на четирилатералниот самит кој се одржува во резиденцијата Вахдетин во Истанбул.
На самитот учествуваат претседателот на Турција, Ердоган, претседателот на Русија, Владимир Путин, претседателот на Франција, Емануел Макрон, и германската канцеларка, Ангела Меркел. На состанокот се присутни и турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, турскиот министер за трезор и финансии, Берат Албајрак, турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, како и специјални советници и претставници од Германија и Франција.
На овој самит за прв пат ќе се состанат и специјалниот претставник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, и претставници од малата група формирана во Женева од страна на платформата од Астана.
Главната точка на дневниот ред на овој четирилатерален самит за Сирија ќе биде консолидирање на примирјето во Идлиб, како и заедничките напори за политичко решение за кризата во Сирија, и настаните на терен, ситуацијата во Идлиб по договорот од Сочи, како и процесот на политичко решение кој е во тек во Астана и Женева.
Самитот има за цел хармонизирање на заедничките напори за наоѓање на постојано решение за кризата во Сирија. На крајот на самитот се очекуваат лидерите на четирите земји да прифатат една заедничка декларација.