Kristina Maslareviç
16 Март 2016•Ажурирај: 16 Март 2016
БЕЛГРАД (АА) - Принцот Чарлс и војвотката од Корнвил, Камила, во рамките на балканската турнеја пристигна во Белград, каде што на аеродромот "Никола Тесла" беше пречекан од српскиот премиер Александар Вучиќ, jавува Anadolu Agency (AA).
Британскиот принц Чарлс, со сопругата Камила, војвотката од Корнвил, ќе ја започне денес дводневната посета на Србија, во тек на која ќе се состане со претседателот на Србија, Томислав Николиќ, премиерот Александар Вучиќ и поглаварот на Српската православна црква (СПЦ) патријархот Иринеј.
Принцот од Велс ќе ги посети знаменитостите на Белград и повеќе добротворни организации во главниот град на Србија. Нив на белградскиот аеродром Никола Тесла ќе ги дочека од страна на премиерот на Србија, Александар Вучиќ, по што ќе отидат во Претседателството на Србија во посета на претседателот на Србија, Томислав Николиќ.
Како што се соопштува од Претседателството на Србија, Томислав Николиќ ќе му подари на британскиот принц ќирилично издание на Збирка дела од Вилијам Шекспир на библиска хартија со додаток на текстови кои досега не се објавувани на српски јазик, потоа фотомонографија за христијанското наследство на Косово и дрворез со мотиви на Хиландер.
Сопругата на Чарлс, Камила, од претседателот на Србија ќе добие огледало со рамка во дрворез со мотиви од пиротскиот ќилим.
Принцот од Велс и претседателот на Србија ќе положат венци на Српската костурница од Првата светска војна и на Англиските воени гробишта од Втората светска војна, а предвидена е и посета на Калемегдан.
Принцот, во Конакот на кнегињата Љубица, ќе учествува на Меѓурелигискиот дијалог на претставниците на христијанската, исламската и еврејската заедница во Србија, а потоа ќе се состане со патријархот Иринеј.
Тој ќе го посети и Храмот на свети Сава, дизајн инкубаторот „Нова Искра” а ќе се состане и со принцот Александар Караѓорѓевиќ.
Потоа, со сопругата ќе присуствува на вечра која во нивна чест ја организира премиерот на Србија, Александар Вучиќ.
Војвотката од Корнвил во рамките на одвоената програма ќе го посети Домот на Звечанска, каде што ќе се сретне со претставниците на УНИЦЕФ и Фондацијата „Новак Ѓоковиќ”.
Вториот ден од официјалната посета на Србија, тие ќе го посетат Нови Сад, каде што ќе уживаат во локалните кулинарски специјалитети, уметничките дела и културното наследство.
Тоа е осмата посета на принцот Чарлс на овој регион а воедно и првата официјална посета на војвотката од Корнвил.
Во рамки на балканската турнеја, Чарлс ја посети Хрватска, а ќе ги посети Црна Гора и Косово.
Принцот од Велс во 1978 година ја посети Југославија, кога како 29-годишник престојуваше во Белград, Сплит и Дубровник, а во Игало го прими и претседателот на СФРЈ Јосип Броз Тито, на чиј повик и дојде.
Од 1993 година до денес принцот Чарлс ја посети Босна и Херцеговина четирипати, Хрватска трипати, Македонија еднаш а во Косово престојуваше во 1999 година. Принцот Чарлс неколкупати го посети и манастирот Хиландар на Света гора, а организираше и добротворни акции за обнова на манастирот кој настрада во пожар.