Enes Kaplan
08 Април 2018•Ажурирај: 09 Април 2018
СИРТ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, го повика Западот да обрне внимание на невините цивили, жртви на хемиските напади во Дума, во сириската енклава Источна Гута, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган денеска присуствуваше на 6. редовен Конгрес на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АК Parti) во областа Сирт, и во своето обраќање остро го осуди синоќешниот напад во кој силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад користеа отровен гас и убија над 70 цивили.
„Го прашувам целиот Запад, кога мислите да се свртите и да обрнете внимание на децата, жените и мажите кои ги убиваат во Источна Гута, па да можеме да кажеме дека делувате праведно“, порача Ердоган.
Тој, исто така, рече дека е срамно што некои трговци на оружје ја искористиле хуманитарната трагедија во подрачјето за остварување на сопствени добивки.
„Срамна е вашата демократија, реториката за човековите права и вашето разбирање на човековите права“, порача Ердоган.
Осврнувајќи се и на борбата против тероризмот која Турција ја води во регионот, Ердоган соопшти дека од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“ во подрачјето на Африн, северозападна Сирија, неутрализирани се вкупно 4.017 терористи.
Турскиот претседател истакна дека турските сили и во северниот дел на Ирак неутрализирале најмалку 327 терористи.
„Ќе продолжиме со решителната борба и ќе ги уништиме сите терористи, без оглед каде се кријат“, рече Ердоган.
Турските сили спроведуваат сеопфатна борба против терористите на ПКК во Турција и против ограноците на ПКК во северна Сирија и Ирак.
Воените операции во пограничните подрачја на Ирак и Сирија се базираат на правата на Турција засновани на меѓународното право за самоодбрана и резолуциите на Обединетите нации (ОН) во однос на борбата против тероризмот. Операциите се спроведуваат со почитување на територијалниот интегритет на соседните земји и со цел неутрализирање на терористичките закани.