Meryem Göktaş
22 Август 2017•Ажурирај: 23 Август 2017
АНКАРА (АА) - Главна улога на вонредната состојба е да се победи тероризмот, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган јавува Anadolu Agency (AA).
Вонредната состојба беше воведена деновите по минатогодишниот неуспешен обид за државен удар, и им овозможи на властите да уапсат десетици илјади осомничени вмешани во обидот за државен удар и оние кои имаат поврзаност со терористичките групи како што е ПКК.
„Најважна цел на вонредната состојба е да се победат терористичките организации и да им се стави крај“, изјави Ердоган за време на средбата со локалните официјални претставници (муктари) во претседателскиот комплекс во Анкара.
Турскиот претседател во своето обраќање истакна: „Мојата одговорност како шеф на државата нема да биде исполнета сѐ додека мојот народ од југоисточна, источна и од целата моја земја не досегне мир“.
Вонредната состојба беше продолжена за уште три месеци во јули и исто така беше искористена за потрага на оние осомничени кои имаат врска со терористичката организација ФЕТО, која е одговорна за неуспешниот обид за државен удар.
„Ние имаме само едно знаме, една земја и држава, една држава во рамките на 780.000 километри квадратни“, изјави Ердоган и додаде: „Ќе ги уништиме оние кои сакаат да ја поделат оваа земја“.
Турскиот претседател исто така изјави дека никогаш нема да дозволи на ПКК/ПЈД (сирискиот огранок на ПКК) кој води 33-годишна борба против Турција, да воспостави таканаречена држава во северна Сирија.
ПКК/ПЈД контролира поголеми делови од северна Сирија долж турската граница и мал дел околу Африн во западниот дел на Сирија.
Ердоган истакна дека нарекувањето на ваквиот ентитет како „Курдска држава“, би било навреда за Курдите.
„Верувам дека моите курдски браќа никогаш нема да дозволат ваква формација во северниот дел на Сирија и на југот од Турција“, истакна тој.