Mümin Altaş
21 Септември 2017•Ажурирај: 23 Септември 2017
ЊУЈОРК (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган изјави дека никој нема право исламот да го поистоветува со тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Никој нека не го поистоветува ДЕАШ со исламот, со муслиманите. ДЕАШ нема врска со исламот. Тоа е терористичка организација“, рече Ердоган во обраќањето на програмата насловена „Средба со заедицата на американски муслимани", во Њујорк.
Истакна дека поради масакрите и насилството, околу милион муслимани на Аракан се обидуваат да преминат во соседен Бангладеш.
„Внимавајте, ние никогаш не сме кажале 'будистите ги убија Рохинџа муслиманите'. Будистите вршат масакр, но ние тоа не го кажавме. Затоа, одовде им се обраќам на оние кои на светот му ги претставуваат будистите како симпатични луѓе, на оние кои сè уште се луѓе. Добро, кој ви го даде правото да го користите изразот 'исламски тероризам'“, рече Ердоган.
Предупреди и на се поголема закана од исламофобија и омраза кон муслиманите во светот.
„Сите заедно мораме да заземеме силен став против растечката исламофобија", им порача Ердоган на собраните.
Истакна дека во светот се случуваат терористички напади кои ги изведуваат припадници на различни верски заедници.
„Но само затоа што вршителот на делото е муслиман, велат 'исламски тероризам'. Ако вршителот е припадник на друга религиска заедница, таквиот случај се смета само како судски случај и како таков се отстранува од дневниот ред. Дали денеска слушнавте нешто како 'христијански тероризам', 'будистички тероризам', или 'атеистички тероризам', во случај некој да не е припадник на една од монотеистичките религии?", запраша турскиот претседател.
На крајот нагласи дека силата на припадниците на исламската вероисповед во САД ќе биде извор на храброста и за останатите муслимани во светот.
„Силата на исламската заедница во САД ќе биде извор на доверба и на храброста за сите муслимани во светот", рече Ердоган.