Cansu Dikme
10 Јули 2018•Ажурирај: 11 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Трансанадолискиот гасовод (ТАНАП) претставува значаен проект за Турција и Азербејџан, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на заедничката прес-конференција со неговиот азербејџански колега Илхам Алиев во главниот азербејџански град Баку, Ердоган рече: „ТАНАП е значаен проект за нас и Азербејџан.“
Трансанадолискиот гасовод (ТАНАП), кој во функција е од јуни, е гасовод кој се протега од турско-грузиската граница до турско-грчката граница за снабдување со природен гас за Турција, но и за европските земји.
Гасоводот со должина од 1.800 километри е најголемиот гасовод од 3.500-километарскиот Јужен коридор.
Ердоган рече дека проектот ТАНАП има големо значење во однос на поврзувањето меѓу Азербејџан и Европа, покрај поврзаноста помеѓу Турција и Азербејџан.
„Тој, исто така е значаен и поради тоа што претставува стратешка инвестиција“, рече Ердоган.
Турскиот претседател нагласи дека односите меѓу Турција и Азербејџан се зајакнати врз основа на „една нација, две земји“, осврнувајќи се на турските корени на двете земји.
Патувањето на Ердоган во Азербејџан е неговата прва државна посета по инаугурацијата која се одржа вчера за првиот мандат, во рамките на новиот претседателски систем во Турција, продолжувајќи ја традицијата на турските лидери кои за првпат по преземањето на функцијата ги посетувале Азербејџан и Турската Република Северен Кипар (ТРСК).
Турција официјално се префрли на новиот претседателски систем на управување откако Ердоган вчера ја положи претседателската заклетва на функцијата прв претседател на Република Турција во рамките на новиот систем.