Ekipa
28 Ноември 2017•Ажурирај: 28 Ноември 2017
ПАРИЗ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, преку „Твитер“ (Twitter) даде поддршка за кампањата за помош наречена #LoveArmyforRohingya („Армија на љубовта за Рохинџа“), основана од страна на голем број познати личности, меѓу кои и феноменот на социјалните мрежи, Џером Џар, и францускиот актер, Омар Си, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Ердоган беше побарана поддршка за оваа кампања, при што тој одговори на апелот на Џером Џар за помош на Аракан.
„Почитуван Џером Џар, ние никогаш не одбиваме барање за помош, каде и да се наоѓаат луѓето на кои им е потребна. Ќе ги поддржиме напорите на #LoveArmyforRohingya за помош преку нашите агенции за помош, АФАД, ТИКА, Црвената полумесечина, како и преку „Turkish Airlines“ (Туркиш ерлајнс), напиша Ердоган во објава на Твитер.
Џар, претходно преку Твитер објави: „Имаме потреба од сите вас. Бараме помош од турскиот претседател за нашата мисија во Аракан! Направете РТ на @RT_ERDOGAN! Користете го и хаштагот #ErdoganHelpRohingya“.
- Сомалија -
Тимот на #LoveArmyforRohingya во подрачјето Кокс Базар во Бангладеш, каде што се наоѓаат араканските муслимани, преку социјалните мрежи започнаа кампања за помош.
„Тука се сретнавме и ја започнуваме кампањата за помош за араканските муслимани, со цел да вклучиме колку што е можно поголем број лица. Со оваа кампања имаме за цел да го привлечеме вниманието на големите компании за и тие да помогнат“ истакна Џар, кој претходно упати апел за помош и на Сомалија, а потоа беше поддржан од страна на милиони лица.
Џар вели дека е потребна помош и од страна на политичарите, со цел кампањата да биде поуспешна и да се рашири во целиот свет. Тој потсети на поддршката на Ердоган за кампањата за Сомалија. „Турскиот претседател Ердоган ни вети дека ќе нѐ поддржува ако организираме друга кампања. Турција се наоѓа на второто место од аспект на донирана хуманитарната помош“, вели Џар.
„Сѐ оди подобро и побрзо кога еден светски лидер ја поддржува кампањата“, истакна тој, и додаде дека Турција и претходно донирала во кампот каде што се наоѓале тие.
Од друга страна, францускиот актер Омар Су во својата порака за Ердоган напиша: „Ние ти веруваме“. Исто така, стотици актери, пејачи и познати личности побараа од Ердоган да ја поддржи оваа кампања.
Исто така, францускиот фудбалски клуб, Сен Етјен ја поддржа кампањата.
Турција е првата земја што испрати помош за араканските муслимани во Аракан и во Бангладеш.